Активности

Недела, 13 август 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери по повод 16 години од Охридскиот рамковен договор

Почитуван вицепремиер, задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор,
Почитувани министри,
Екселенции,
Почитувани медиуми,
Почитувани присутни,

Денеска се навршија 16 (шеснаесет) години од датумот кога е потпишан Охридскиот рамковен договор, со кој Договор му се даде крај на внатрешниот конфликт во Република Македонија. Овој значаен документ на мирот во нашата држава и на помирување меѓу нашите граѓани се изготви и се потпиша со политичка волја и со олеснување од нашите меѓународни пријатели.

Во оваа прилика, сакам да ù се заблагодарам на меѓународната заедница за поддршката која постојано ја дава за нашата држава.

Цел на овој документ на мирот беше, и уште е, промовирање на мирно и хармоничното општество, како и развој на граѓанското општество, каде почитувањето на етничкиот идентитет и заштита на интересите на сите граѓани ќе бидат примарни.

Овој документ, како и е насловен, беше само една основа, рамка над која се извршија уставните измени и законските реформи, кои нивното спроведување го наоѓаа во областа на децентрализацијата, на праведното и соодветното застапување, на посебните парламентарни гласачки постапки со кои се штитат заедниците кои не се мнозинство од надгласување, во областа на образованието, употребата на јазикот, симболите, изразувањето на културниот и етничкиот идентитет, како и мерките за спроведување на тие измени.

Во изминатите години, со поддршка на Владата, на Собранието, извршени се низа измени во оваа насока. Во текот на овој период, не секогаш сè се одвивало лесно и без препреки. Не секогаш сме наишле на разбирање, било од едната, било од другата странка, но сме продолжиле и ќе продолжиме, бидејќи Македонија друга алтернатива нема.

Охридскиот рамковен договор и неговите принципи го претставуваат единствениот начин со кој во нашата држава ќе се развие и ќе се унапреди демократијата, ќе се почитува мултиетничкиот карактер и сите наши граѓани еднакво ќе ги уживаат сите права. За да биде ова реалност, потребни се политичари визионери, со голема одговорност и цврста политичка волја. Политичари кои ги сплотуваат, а не кои ги разединуваат своите сограѓани. Тешко е, но наша задача е да работиме и да ја заслужиме довербата која ни ја дадоа граѓаните. И верувам дека вреди. Вреди за денешните генерации, вреди за идните генерации и за оние после нив.

Благодарам за вниманието.

Click