Активности

Вторник, 24 април 2018 година, Талин

Обраќање на претседателот Џафери на Конференцијата на претседатели на парламенти од земјите на Европската Унија на втората сесија: Европска безбедност и одбрана

Втора сесија: Европска безбедност и одбрана

Почитуван претседавач,
Почитувани колеги,
Дами и господа

Последниве години, безбедносната состојба во Европа и околу неа претставува многу сериозен предизвик, како за Европската Унија, така и за секоја држава, вклучително и државите аспиранти. За жал, воените конфликти кои се релативно блиску до Европа, а посебно до нас кои живееме во регионот на Западен Балкан, претставуваат секојдневен предизвик, како за нашите безбедносни органи, така и за другите државни структури. Тероризмот, организираниот криминал, бегалската криза, се само дел од секојдневните безбедносни предизвици со кои се соочуваме како држави.Сите овие појави и состојби влијаат врз јавното мислење на граѓаните, чии што мир и безбедност се загрозени, и наш врвен приоритет како нивни директни претставници е да осигуриме мир и стабилност, затоа што само региони во кои нема конфликти можат да просперираат и да бидат атрактивни. 

Почитувани пријатели,

Мирот и стабилноста несомнено подразбираат соработка помеѓу државите на полето на безбедноста, вклучително и во рамките на НАТО. Република Македонија, уште од своето осамостојување, за своја стратешка цел го определи полноправното членство во НАТО и за тоа има висока поддршка од граѓаните. Иако формално правно сè уште не сме членка на НАТО, ќе ве потсетам дека преку припадниците на нашите безбедносни сили даваме придонес во мировните операции во рамките на нашите реални можности, понекогаш и над нив. 

Активно учествуваме во безбедноста на нашиот континент. Ќе ви кажам само еден најсвеж пример. На границата со соседна Грција, припадници на полициските сили на Словенија, на Словачка и Чешка, заедно со македонските полициски сили вршат контрола на овој дел од Балканската рута. 

Дами и господа,

Безбедносните предизвици имаат негативно влијание врз опстојувањето на европските принципи и вредности. Предрасудите, стереотипите, интолеранцијата, говорот на омраза се сѐ повеќе присутни. 

Затоа мислам дека, како што се организираме и работиме на безбедносните предизвици, исто треба да посветиме внимание и на овие негативни појави кои, сега засега се ефемерни и се уште поголемиот дел од јавноста не ги прифаќа. Сепак, наша обврска е да градиме здрави општества, општества во кои  идните генерации нема да бидат задоени со предрасуди, нетрпеливост и стереотипи кон другиот, различниот, туку напротив, ќе бидат генерации со вградени европските вредности и стандарди за кои зборувале и татковците на Здружена Европа.

Ви благодарам на вниманието! 

Click