Активности

Среда, 7 март 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на одбележувањето на 15- годишнината од формирањето на Клубот на пратенички - Зголемување на политичкото учество на жените

Почитувани дами, 
Почитувани колешки пратенички,
Почитувани гости,почитувани медиуми,

На денешен ден пред 15 години, во очи на Меѓународниот ден на жената 8 Март, во рамките на Собранието на Република Македонија се формираше Клубот на пратенички како неформална група, составена од сите пратенички, независно од тоа на која пратеничка група и припаѓаат. А, да не заборавиме дека ние сè уште живееме во таканаречен „машки свет“, а во  општеството на Македонија, за жал, сè уште се присутни многу предрасуди и стереотипи кога станува збор за родовата рамноправност и местото и улогата на жената во општеството. 

Во изминативе 15 години, Клубот на пратенички делуваше заеднички и со една единствена цел, а тоа е да иницира законски решенија за постигнување на родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивното активно вклучување во процесот на одлучување во државата, како и зајакнувањето и ширењето на демократијата во сите сфери на општеството на Македонија. Една од вашите први иницијативи која постигна значаен резултат е измената на Изборниот закон, односно, усвојувањето на законската одредба за обезбедување на најмалку едно место на секоја трета позиција на кандидатските изборни листи да припаѓа на помалку застапениот пол. Со тоа, на изборите во 2006 година, за прв пат  се избрани 37 пратенички во Собранието на Република Македонија, односно речиси 31%, со што се позиционираме на европскиот врв.

Понатаму, со ваша иницијатива е подготвен и донесен Законот за еднакви можности на жените и мажите. Со ваша иницијатива и поддршка, во Законот за семејство е вградена посебна глава за заштита на жртвите од семејно насилство, а вие бевте иницијатори и за формирање на посебен фонд за борба против семејното насилство. Ова е само мал дел од вашиот несебичен ангажман и постигнатите резултати токму на полето на родовата рамноправност, сфатена во најширока смисла на зборот.

Почитувани колешки пратенички,

Верувам дека вие и понатаму со своето делување ќе работите во насока на понатамошното јакнење на родовата рамноправност и и понатаму ќе бидете оној силен глас против семејното насилство и верен заштитник на жртвите од семејното насилство. Верувам дека и понатаму тесно ќе соработувате со невладиниот сектор и воопшто со граѓаните, со што давате значаен придонес во развојот на парламентарната демократија кај нас. А јас, по примерот на Ригстагот (Шведскиот парламент) и Кралството Шведска, како земја со највисок процент на застапеност на жените во политиката и јавниот живот, како претседател на Собрание на РМ, по повод Меѓународниот ден на жената и 15 години функционирање на Клубот на пратенички во Собранието на Република Македонија, ќе започнам со реализација на проект за чување и промоција на придонесот на жените пратенички и носители на функции во Собранието и работните тела во Собранието. Тоа ќе биде еден скромен, но значаен придонес и оддавање признание за улогата на жените политичари во Собранието на РМ, и тоа ќе овозможи институционална меморија за идните генерации. И, да не должам многу, за да не излезе дека пак ние мажите нешто мудруваме, дозволете на сите вас мои колешки и на сите жени во Република Македонија, да ви го честитам 8 Март, Меѓународниот ден на жената, да ви посакам убав и исполнет живот со многу почит и љубов од блиските, а на нас мажите да посакам побргу да сфатиме дека таканаречениот „машки свет“, полека, но сигурно, заминува во историјата.

Ви благодарам на вниманието, имајте прекрасен ден!