Активности

Среда, 10 октомври 2018

Обраќање на претседателот Џафери на отворањето на Собата на Клубот на пратенички 

Почитувани пратеници
Почитувана г-ѓа Генерален секретар,
Почитувани претставници на Секторот за еднакви можности,
претставници на меѓународната заедница, 
претставници на невладиниот сектор,
претставници на медиумите,
Почитувани дами,

Задоволство ми е што денес сум тука меѓу вас на овој свечен чин на реализирање на моето ветување дадено по повод Меѓународниот ден на жената и одбележувањето на 15-годишнината од функционирањето на Клубот на пратенички, кога реков дека ќе го следам примерот на шведскиот Парламент и Кралството Шведска, земја со највисок процент на застапеност на жените во политиката и јавниот живот и  како претседател на Собранието на Република Македонија, ќе започнам со реализација на проект за чување и промоција на придонесот на жените пратенички и носители на функции во Собранието и работните тела во Собранието. 

И ете денес, после седум месеци, ние сме тука на отворањето на таа Соба на Клубот на пратенички, која ќе биде скромен, но значаен придонес и оддавање признание за улогата на жените политичари во Собранието на Република Македонија. Оваа современо уредена соба со симболични национални премиси, ќе биде соба во која Клубот на пратенички ќе функционира, ќе одржува состаноци, средби, ќе прима делегации и ќе се дружи.

Тука се прикажани низ слики дел од активностите на нашите драги колешки, а во иднина оваа институционална меморија ќе биде збогатена со се надевам уште многу конкретни резултати од неуморната но толку важна работа на овој Клуб, кој е гласот на таканаречениот „понежен пол“, иако јас не би се согласил со таа констатација бидејќи, низ годините се докажа дека жената е движечка сила, мотор кој има визија, има сила и пред се, има желба да створи поубав свет за нашите деца и за сите следни генерации.

Ви посакувам успех во понатамошните чекори, ви посакувам здравје и уште многу убави спомени прикажани на ѕидовите на оваа прекрасна соба.

Ви благодарам на вниманието!

Click