Активности

Среда, 17 јануари 2018 година

Обраќање на претседателот Џафери на Свечената академија по повод одбележувањето на 550-годишнината од смртта на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег

Дами и господа,
Екселенции,
Почитувани колеги пратеници,
Почитувани медиуми, 
Почитувани присутни,  

„Јас сум пријател на доблеста, а не на судбината“, ова е мисла од писмото на Ѓерѓ Кастриоти Скендербег (Gjergj Kastrioti Skënderbeu) упатено до неаполскиот крал Фердинард. Ја цитирам оваа мисла на големиот Скендербег, бидејќи во суштина го изразува токму неговиот карактер и неговиот вредносен систем кој провејува низ целиот негов живот. Како што е познато, на денешен ден пред 550 години, на 62-годишна возраст умира од маларија во Леж. По тој повод, со денешнава Свечена академија и промоцијата на поштенската марка со ликот на Скендербег, во Република Македонија започнуваат најразлични манифестации посветени на големиот Ѓерѓ Кастриоти Скендербег. Вакви и слични манифестации ќе се одржуваат, исто така, и во Република Албанија и Република Косово. Односно, оваа година е посветена на големиот Ѓерѓ Кастриоти - Скендербег, кој што во суштина е основоположник на Албанската феудална држава. Во исто време, имајќи ги предвид и тогашните историски состојби, тој е последниот браник пред Османлиската инвазија во Европа.

Дами и господа,

Ако се погледаат само површно историските факти поврзани со Ѓерѓ Кастриоти, без разлика на тоа што тој е албански феудалец, неговите идеи, неговите заложби и, секако, неговата борба за слобода и воените победи против отоманската војска, имаат многу елементи на тоа што денеска за сите нас е идеал и стратешка определба, а тоа е здружена Европа. Имено, тој  децидно се заземал за обединување на сите балкански кнежевства, меѓутоа, во соработка со другите, како што е Дубровник, Венеција и Неапол во одбрана на Балканот, а со тоа и на Европа, пред продорот на османлиската војска. Овие историски факти се потврдени преку многуте научни истражувања и соодветните научни трудови на редица авторитетни имиња од историската наука, речиси од сите европски држави. Исто така, карактеристично за ликот и делото на Скендербег е фактот дека тој бил инспирација за многу литерарни, музички, ликовни и други уметнички дела. Дозволете да споменам дека ликот на Скендербег наоѓа место во делата на еден Вивалди, потоа во делата на големиот англиски поет, Лорд Гордон Бајрон, познатите француски сликари Делакроа, Монтењ и многу други. Само да потсетам на податокот дека во Рим од поодамна постои споменик на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег, со што уште еднаш е потврдена неговата историска улога и придонес во тоа што денеска го именуваме како здружена Европа. Сакам да го спомнам и големиот европски мислител и филозоф Волтер, кој има запишано, цитирам „Ако византиските цареви беа како Скендербег, Источното царство ќе беше спасено“.

Почитувани пријатели,

Ликот и делото на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег е тесно поврзано и со сите нас кои денеска живееме на просторот на Република Македонија, односно со вековните стремежи и борбата на албанскиот и македонскиот народ за слобода и самостојност. Да не заборавиме дека големиот македонски поет Глигор Прличев има напишано поема на грчки јазик која се вика Скендербег, која во 1961 година е препеана и издадена на македонски јазик. Скендербег наоѓа место и во зборниците на Кузман Шапкарев, како и во Зборникот на народни песни на браќата Миладиновци, издаден во 1861 година во Загреб. Односно, како што има речено големиот современ македонски поет, есеист, историчар и академик, Гане Тодоровски, „Скендербег е позитивен историски јунак во македонската историска меморија. Затоа денеска, кога на ниво на регионот, како и во секоја поединечна држава, се  соочуваме со разни предизвици, па ако сакате и недоразбирања, токму споменот за Скендербег и неговото историско и цивилизациско наследство, треба да не обединува. И пак да се вратам на големиот Гане Тодоровски, кој во своето експозе по повод 600 години од раѓањето на Скендербег, во МАНУ, за него ќе рече, цитирам „Големиот Скендербег, вечниот Скендербег, е божјото око кое бдее врз мирот на Балканот. А одговорност на сите нас кои живееме овде на Балканот е тој мир да го надградуваме, да го шириме и сите да се инкорпорираме во здружена Европа. А токму тоа ќе биде и вистинскиот израз на нашата почит, но и начин на покажување на нашата доблест кон ликот и делото на Ѓерѓ Кастриоти-Скендербег. 

Ви благодарам на вниманието.