Активности

Среда, 4 октомври 2017 година

Обраќање на претседателот Џафери пред студентите во Универзитетот на ФОН

Дами и господа,
Екселенции, 
Почитуван ректор на ФОН, професори и други претставници на академската сфера,
Почитувани присутни,

Пред 26 години, првиот парламентарен состав, токму преку Собранието ја реализираше одлуката на граѓаните кои на референдум се изјаснија за самостојна и суверена држава. Еден од првите приоритети, кој беше тогаш дефиниран и усвоен во парламентот, беше целосната интеграција на Република Македонија во eвроатлантските структури, односно полноправно членство во НАТО и Европската Унија. За оваа стратешка определба постоеше целосен политички консензус помеѓу сите релевантни политички субјекти и тој став не е променет во овие дваесет и шест години самостојност. Сепак, за нас е најважна огромната поддршка од граѓаните, односно од целокупната јавност во однос на евроатлантските интеграции. Таа поддршка, нас што сме во политиката нè обврзува и не прави одговорни да ја оствариме. Покрај нас, својот придонес во остварувањето на овие стратешки определби, преку својата научно истражувачката дејност, но и образовна дејност, треба да ја даде и науката, а тука пред сè мислам на вас како универзитети.

Ако се поставува прашање до каде сме во остварувањето на таа наша стратешка определба, ситуацијата е позната и јас не би одземал премногу време за тоа. Реалноста е следна, постои спор и тој е реален, а за секој спор треба да се бара решение, ако сме навистина заинтересирани овие наши стратешки определби да станат реалност.

Почитувани,

Интеграцијата во Европската Унија е процес во кој парламентот има клучна улога и ова не се однесува само на Република Македонија и нашето членство во ЕУ, туку тој пат го поминаа сите членки на ЕУ. Имено, усогласувањето на националното законодавство со европското законодавство, целокупните реформи во општеството, вклучувајќи ги реформите во трите власти, во извршната, законодавната и судската, може да се направат само преку парламентот. Во 2005 година, Република Македонија доби статус на држава кандидат и може да се каже дека од тогаш и формално започна тој процес. Претходно, во април 2001 го потпишавме Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. Секако дека и самото Собрание мораше внатрешно да се реорганизира за да може да одговори на потребите, односно предизвиците кои ги носи процесот на интеграција во ЕУ. Затоа, во ноември 2007 година, со одлука на Собранието се формираше Националниот совет за  евроинтеграции. Тоа е собраниско тело со поширок состав, во кое покрај пратеници има и потпретседател на влада задолжен за евроинтеграции, претставник од кабинетот на премиерот, претставник од кабинетот на претседателот на државата, претставници од МАНУ, од ЗЕЛС, од Друштвото на новинари, претставници на верските заедници, синдикатот, Стопанската комора и невладиниот сектор. Со Националниот совет за евроинтеграции редовно претседава пратеник од опозицијата. Советот, во текот на целиот период на работење, посебен акцент става на таканаречените јавни расправи кои се посветени на теми од најразлични области, а сепак поврзани со интеграциските процеси, како, на пример, јавна расправа посветена на енергетиката, или, пак, последната во минатиот мандатен период, посветена на темата „Раскрстување со минатото според препораките на Европската комисија“.
Во Собранието, од 2005 година, досега донесени се на стотина закони означени со европско знаме што е знак дека станува збор за закон потребен за усогласување на нашето законодавство со европското. Покрај тоа, посебно внимание се посветува и на специјализираните обуки за процесите на интеграција во ЕУ, како на собраниската администрација, така и на пратениците. Секако дека како парламент, во текот на  целиот период, особено внимание им посветуваме на извештаите на Европската комисија за напредокот на Република Македонија. Патем, од страна на Европската комисија, од 2009 година, редовно добиваме препорака за започнување на преговорите за членство во ЕУ. Сепак, препораката и понатака останува само препорака условена со определени стандарди што ние треба да ги исполниме. Тоа на што Собранието треба да се фокусира во иднина, а што е во насока на евроатлантските интеграции и во насока на функционирањето на парламентарната демократија е зацврстување и зајакнување на надзорната улога врз извршната власт. Како последица на таа слабост, доцниме во реформите на многу полиња затоа што нема вистинска и ефикасна имплементација на законите и другите акти коишто се донесени и се во надлежност на Собранието. Јас сум дури и лично убеден дека кризата, која ја преживувавме во последните две години, во голема мера беше резултат токму на недоволно развиената надзорна функција на парламентот. Тоа го посочуваат и извештаите кои доаѓаат од европските институции.

Дами и господа,

Кризата полека ја оставаме зад нас. Охрабрува фактот дека ова парламентарно мнозинство има политичка волја, има и капацитет за повторно да се врати на европскиот пат и кажано метафорички, со двете нозе и со подолги чекори да тргне кон остварувањето на нашата стратешка определба, кон полноправното членство во Европската Унија и НАТО. Верувајте, судејќи по моите формални и неформални контакти и средби кои ги имам со нашите меѓународни пријатели, има нов ветер во нашата внатрешна и надворешна политика. Тоа е препознатливо и ние добиваме јавно признание дека работите се менуваат во позитивна насока. Од друга страна, и на неодамнешната средба на врвот на ЕУ во Талин, јасно беше истакнато дека нашиот регион не е заборавен од Брисел, односно, господин Ципрас, премерот на Грција, побара Западен Балкан да биде еден од приоритетите на Европската Унија.

Затоа, ќе ја искористам оваа прилика и јавно ќе апелирам до парламентарното мнозинство и до опозицијата, до извршната власт, до академската јавност, до невладиниот сектор, до бизнис заедницата и до секој поединец, ајде, како што би рекол народот, да ги засукаме ракавите и секој поаѓајќи од својата положба, знаење, но и со целосна одговорност да пристапиме кон реализација на нашите стратешки определби. Европска Унија и НАТО, пред сè треба да ги сфатиме како вредности и стандарди кои обезбедуваат стабилна сегашност и подобра иднина, за нас и за идните поколенија!

Ви благодарам за вниманието