Активности

Петок, 7 септември 2018 година

Поддршка од Франција во важно време за Република Македонија

Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Француската Република оствари средба со Оливје Кадик, сенатор во францускиот Сенат и претставник на француските државјани кои живеат надвор од Француската Република. Во придружба на сенаторот Кадик беше францускиот амбасадор во нашата земја, Н.Е. Кристиан Тимоние.

Претседателот на Пратеничката група, Панче Иванов и членовите на Групата, изразија благодарност за посетата и поддршката од моќна земја како Франција, во вака важни времиња, во кои се одредува судбината на Република Македонија.

Во својата прва посета на нашата земја, како дел од својата неделна турнеја на Балканот, како убеден Европеец, францускиот сенатор Кадик истакна дека се залага за што поскоро приклучување на овој Регион во Европската Унија. Тој ја искажа свесноста дека Договорот со Грција не е совршен, но сепак треба да се гледа визијата дека дестинацијата е многу поважна од патот до неа. 

Од друга страна, беше истакнато дека треба да се убедат и граѓаните на европските земји дека евроинтеграцијата на Република Македонија е добра и за Унијата, а македонските граѓани дека ќе имаат конкретни придобивки од сето тоа. 

Во однос на референдумот, присутните беа сложни дека граѓаните треба непречено да се изјаснат за ова горливо и болно прашање, и да се испочитува и прифати нивното мислење. 

За нашата земја следи период на продолжување на реформите, затоа што покрај актуелниот проблем за решавање на прашањето за името, се соочуваме и со многу други проблеми коишто треба да се решат, како судството, администрацијата, економијата, невработеноста и иселувањето на младите.

Од францускиот сенатор и амбасадорот беше изразена силна поддршка и помош за подобрување на перцепцијата во Франција. Тие ја најавија посетата на француски пратеници кои се дел од Групата за пријателство Франција - Балкан, што ќе овозможи поконкретна соработка и посета на Париз во блиска иднина. 

Click