Активности

Петок, 13 април 2018 година

Поддршка од Норвешкиот хелсиншки комитет за ЛГБТИ лицата во Македонија

Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата во Собранието на Република Македонија одржа работна средба со делегација на Норвешкиот хелсиншки комитет, предводена од генералниот секретар, г. Бјорн Енгесланд, во придружба на претставници на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, ЛГБТИ Центарот за поддршка и коалиција МАРГИНИ.

На средбата присуствуваа координаторката на Групата, г-ѓа Маја Морачанин; заменик-координаторот, г. Павле Богоевски и членовите на Групата, пратеничките г-ѓа Лилјана Поповска, г-ѓа Јагода Шахпаска и г-ѓа Јулијана Николовска.

Генералниот секретар, г. Бјорн Енгесланд го поздрави формирањето на Групата, која е прва во регионот на Западен Бакан и се интересираше за текот и целокупниот процес на формирањето, нејзините активности и начинот на работење.

Координаторката Морачанин објасни дека Групата, во која членуваат 13 пратеници од различни политички партии, е формирана во тесна соработка со невладини организации кои дејствуваат во сферата на правата на ЛГБТИ луѓето. Таа ги информираше гостите за веќе усвоениот Акциски план за работа на Групата за 2018 година и тековните активности во насока на законски измени со цел унапредување на правата, заштита од дискриминација, говор на омраза и насилство на ЛГБТИ луѓето. Госпоѓа Морачанин ги информираше присутните и за честитките и поддршката која оваа Група ја доби од ЛГБТИ Интергрупата на Европскиот парламент.

Исто така, Делегацијата се интересираше за ратификацијата на Истанбулската конвенција, за Законот за прекинување на бременоста и законите од областа на образованието, за што беа детално информирани од пратениците Павле Богоевски, Лилјана Поповска и Јагода Шахпаска, како и од претставниците на невладините организации.

Генералниот секретар Енгесланд ја искажа подготвеноста за соработка и поддршка на Норвешкиот хелсиншки комитет за активностите во насока на подобрување на правата на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија. 

Click