Активности

Четврток, 27 септември 2018 година

Прес-конференција на претседателот Џафери

Почитувани граѓани,
Почитувани претставници на средствата за јавно информирање, 

На последниот ден од кампањата за референдумот кој ќе се одржи во недела на 30-ти септември 2018 година, сакам како претседател на Собранието на Република Македонија, заедно со Координативното тело и 120 пратеници во Собранието кои водеа кампања за и против поддршка на референдумското прашање, да ги повикам граѓаните да го искористат своето со устав гарантирано право и да излезат и да учествуваат во носењето на најважната одлука за иднината на нашата држава.   

Како граѓани на оваа држава, сите имаме еднаква обврска и должност да учествуваме во носењето на оваа историска одлука, од која зависи правецот во кој ќе се движи Република Македонија.  

Изминатите дваесет дена, граѓаните преку медиумската кампања којашто ја водеше Собранието како единствен овластен носител, имаа можност да се запознаат со придобивките и перспективите што ги носи успешниот референдум за Република Македонија. 

Позитивната одлука на граѓаните на 30-ти септември, за Македонија ќе значи отворање на вратите на НАТО и на Европската унија. Ова на нашата држава ќе и овозможи безбедност, отворени патишта за нашите граѓани, повеќе странски инвестиции, отворање на нови работни места, поголем пазар за пласирање на домашните производи, можности за напредок на младите генерации. 

Успешен референдум значи правна држава, реформи во судството и целосно владеење на правото. Со еден збор, подобар живот за сите нас и за идните генерации. 

Со позитивниот исход на 30-ти септември, Македонија ќе стане рамноправен партнер во НАТО Алијансата и ќе се отвори патот за влез на нашата држава во заедничкиот европски дом. 

Почитувани граѓани, 

Верувам дека во недела нема да останете затворени во минатото туку ќе излезете на избирачките места со што ќе ја донесете вистинската одлука за иднината. 

Верувам дека ќе одберете иднина која ќе донесе напредок, соживот и просперитет. 

Затоа, Ве повикувам на 30-ти септември заедно да гласаме ЗА ЕВРОАТЛАНСКА МАКЕДОНИЈА. 

Click