Активности

Сабота, 8 септември 2018 година

Работен ручек приреден во чест на германската канцеларка, г-ѓа Ангела Меркел 

На денешниот работен ручек што во чест на германската канцеларка, г-ѓа Ангела Меркел, го организираше претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, учествуваше и претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери. 

Во срдечна и отворена атмосфера, претседателот Џафери ја запозна канцеларката Ангела Меркел со улогата на Собранието, на пратениците и пратеничките групи во водењето на кампањата за референдумот на кој граѓаните ќе треба да одлучат за Договорот со соседна Грција. Тој особено ја истакна потребата од конструктивна и исклучиво позитивна кампања, бидејќи станува збор за остварување на стратешките интереси на државата и на сите граѓани. Затоа, изрази верба во позитивен исход на 30 септември.

Во продолжение, претседателот Џафери се осврна и на другите парламентарни активности, пред сè на спроведувањето на реформите кои се во духот  на отпочнувањето на преговорите со ЕУ. Притоа, претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, уште еднаш изрази благодарност за личниот ангажман на канцеларката Меркел, како и за досегашната помош која ја добиваме од Германија токму во правец на остварувањето на нашите стратешки определби, односно членството во ЕУ и НАТО. 

Канцеларката Ангела Меркел, уште еднаш, ја оцени позитивно улогата на Собранието во подготовките и спроведувањето на референдумот и истакна дека, Германија и понатаму останува стратешки партнер, како во интегративните процеси, така и во билатералните односи.