Активности

Вторник, 24 април 2018 година

Седница на Комисијата за европски прашања за Извештајот за напредокот на Република Македонија

Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија денеска ја одржа својата 13. седница по повод Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2018 година.

Со седницата раководеше претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби, кој воедно и ја отвори седницата.

Груби нагласи дека оваа препорака, иако не е прва, мора да биде ПОСЛЕДНА.

Сепак, Груби во своето обраќање рече дека за осмата по ред препорака имаме причина да се радуваме затоа што, овој пат, е сепак поразлично од претходните седум. Ова од причина што овојпат и ние и Брисел трчаме заедно во ист чекор кон целта. Целото наше општество, позиција и опозиција, млади и стари, жени и мажи, Македонци, Албанци и сите други, ги ставија во мирување своите потреби и барања за повисока плата, подобро здравство, повисок стандард, затоа што увидоа дека 2018 е пресудна година за нашата држава и земјите од Југоисточна Европа, наведе Груби.

„Kонечно научивме“ рече Груби, додавајќи дека на скоро најтежок можен начин научивме дека не можеме да напредуваме преку измамување или импровизација на демократски процес.

Во својот говор се осврна и на усвојувањето на сите реформски закони, заедно со опозицијата, на одржани кредибилни избори, избран нов јавен обвинител и уставни судии, потпишан и ратификуван Добрососедскиот договор со Бугарија, заокружен нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор, како и дека се наоѓаме на најдобар пат за скоро достоинствено и заемно прифатливо решавање на спорот со името, со што веќе ја вративме довербата на 28-те членки на ЕУ и 29-те членки на НАТО во успешната приказна наречена евроатланска Македонија.

Амбасадорот на ЕУ во Република Македонија, Н.Е. Семуел Жбогар, пред репрезентативниот форум го презентираше Извештајот за напредокот на Република Македонија. „Имаме чиста, неусловена препорака и тоа е охрабрување“, истакна амбасадорот Жбогар.

Жбогар детално го презентираше Извештајот, при што констатираше дека земјата ја надмина најголемата политичка криза од 2001, преку воспоставување на новата реформска влада, а заробената држава се надмина со системот на контрола и баланс, преку јакнење на демократијата и владеењето на правото.

Амбасадорот детално се осврна и на реформите во областа на правосудството, реформите во јавната администрација, корупцијата и независноста на медиумите. Посебен осврт имаше на унапредувањето на добрососедските политики, оценувајќи дека биле преземени одлучни чекори во оваа насока, посочувајќи го добрососедскиот договор со Бугарија, како и нагласувајќи дека „прашањето за името мора итно да се реши“. Истакна дека реформите мора да продолжат и дека сите страни мора да имаат удел во тој проект.

На седницата свое обраќање имаше и г. Зоран Заев, премиер на Република Македонија.

Премиерот Заев изрази задоволство што вторпат ја има можноста да се обрати на Комисијата за европски прашања и да даде свој придонес во дебатата по однос на Извештајот за напредокот на Република Македонија.

Премиерот Заев оцени дека со добивањето на кристално чиста, безусловена препорака за почеток на преговорите за Република Македонија, значи дека земјата го исполнила основниот политички критериум за членство во ЕУ, што треба да овозможи почеток на преговорите за пристапување кон нејзино членство.

Истакна дека најголема заслуга за успешното спроведување на реформските процеси ја имаат граѓаните на Македонија. Во овој контекст, рече дека граѓаните знаат дека со овој процес на приближување и зачленување во ЕУ се обезбедуваат европски стандарди во работата на институциите, подобри услуги и подобри сервиси за граѓаните.

Премиерот Зоран Заев во своето обраќање потенцираше дека сега е време сите да ги вложат своите потенцијали во евроинтеграциите и да се покаже дека делиме европски вредности, како и дека Комисијата ни потврди дека сме на вистинскиот пат и дека ни ја отвори вратата кон ЕУ семејството.

Заклучни согледувања на седницата даде г. Даниел Сервер од Универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон. Сервер со една аналитична, академска и геостратешка проценка на односите во земјите од Југоисточна Европа, односите во Европската Унија и пошироко во односите помеѓу САД и Русија, даде свој придонес по однос на рагледувањето на Извештајот за напредокот на Република Македонија.

Професорот Север се осврна на нормативното заокружување на Охридскиот рамковен договор како дополнителен придонес кон зацврстувањето на Република Македонија во нејзините напори на европска интеграција

„За една земја нема ништо поважно од тоа да му дозволи на народот да се чувствува слободен дека тој припаѓа на таа земја“, изјави Сервер, дополнувајќи дека со донесувањето на Законот за употреба на јазиците земјата ќе стане поединствена и покохезивна.

Изрази надеж дека ќе се изнајде решение за дводеценискиот спор за името, но истакна дека Република Македонија и без постигнато решение за ова прашање, мора да стане членка на НАТО, како и да отпочне преговори за членство во Европската Унија. Со многу отворен пристап, пред учесниците на Форумот заклучи дека пристапувањето на Република Македонија кон евроатлантските структури е одржливо решение кое ќе придонесе кон стабилност во самата земја, но и ќе придонесе кон стабилизација на регионот и пошироко.

На седницата свое обраќање имаа и координаторите на Пратеничките групи во Собранието: г. Томислав Тунтев, г. Ејуп Аљими и г. Африм Гаши и г-ѓа Невенка Стаменковска како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, кои го искажаа ставот на политичките партии застапени во Собранието на Република Македонија по однос на ова значајно прашање.

Во нивните диксусии беше поздравена чистата препорака, која и отвора европска перспектива на земјата. Притоа, заедничка беше констатцијата дека зачленувањето во Европската Унија е стратешки интерес на Македонија и дека постои политички и натпартиски консензус по однос на ова прашање. Во тој контекст беа искажани забелешки за степенот на реализацијата на европските реформи, прекршени низ призмата на ставовите на позицијата и опозицијата во земјата.

Седницата заврши со усвојување на Заеднички заклучоци.

Click