Активности

Вторник, 15 мај 2018 година

Шеснаесетта седница на Комисијата за европски прашања

Денеска, во рамките на 16-та седница на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, посветена на тема „Француската перспектива врз иднината на ЕУ", воведни обраќања имаа претседателот на Комисијата г. Артан Груби, амбасадорот на Франција во Македонија, Н.Е. г. Кристиан Тимоние и г. Ив Бертончини, претседател на Европското движење на Франција и потпретседател на меѓународното Европско движење.

Груби, осврнувајќи се на актуелните состојби во и со Унијата, го истакна значењето на  француската поддршка  за понатамошното проширување на ЕУ со земјите од  Западен Балкан, и во тој контекст за геополитичките и економските перспективи на Франција за иднината на Европската Унија, а кои се клучни за Република Македонија, како идна земја членка.

Во тој контекст, информира дека земјата останува посветена на реализирање и испорачување на резултатите од ЕУ реформите кои Брисел ги бара од нас, пред оддржувањето на Советот на ЕУ во јуни, во делот на владеењето на правото, и тоа со посебен акцент на реформите во судството и јавната администрација. Во однос на добрососедските односи со Бугарија, потпишан е Договорот за пријателство со Бугарија и во тек е изнаоѓање на заемно прифатливо решение за  надминување на разликата околу името со Грција. Поради тоа, истакна Груби, земјата заслужено очекува наскоро да добие датум за почеток на преговори за ЕУ членство.

Амбасадорот Тимоние истакна дека земјите членки на ЕУ, а во тие рамки и Франција, во изминатава декада се соочија со серија сериозни предизвици, за што како каписла за европската мобилизација беше Брегзит. Ова доведе до појава на  зголемен евроскептицизам, но дека сепак европските лидери се обединија и ги забрзаа неопходните реформи за поефикасна и силно поврзана Унија со своите граѓани. Сепак, неоспорно е дека Македонија треба да работи на потребните ЕУ реформи, а во тој контекст и на решавање на сите отворени прашања со соседите, затоа што колку побрзо се решат овие прашања, толку побрзо ќе  се придружиме кон ЕУ.

Господин Бертончини, како професор и претседател на Европското движење на Франција, појаснувајќи ги ставовите на  Франција по однос на понатамошното проширување на ЕУ, укажа дека, меѓу другото, причина за евроскептицизмот во неговата земја воглавно се должи на  негативните искуства со одредени земји членки, кои влегоа неподготвени во Унијата. Исто така, како причина за  неподготвеноста на Франција за нови ЕУ членки ги наведе и актуелните проблеми со мигрантите, како и радикалниот тероризам, со кои се соочува француското  општество. Поради тоа, Берточини укажа на потребата Македонија да биде проактивна во решавањето на овие глобални европски и светски проблеми, со што би ги придобила симпатиите на француските граѓани.

Во дискусијата учествуваа и пратениците, Џеват Адеми, Жаклина Пешевска, Јулијана Николова, Татјана Прентовиќ, Лидија Тасевска и Јагода Шахпаска, кои побараа француска поддршка за нашите евроинтегративни процеси.