Активности

Вторник, 12 јуни 2018 година

Собраниска делегација во посета на германскиот Бундестаг за прибирање искуство во застапување на политиките поврзани со заштита на животната средина и урбанта мобилност

Од 6 до 9 јуни оваа година пратениците: г-ѓа Лилјана Затуроска, г-ѓа Маја Морачанин и г. Хари Локвенец присуствуваа во Берлин при што беа примени во германскиот Бундестаг и Бундесрат. 

Целта на ова студиско патување беше собирање искуство и знаење за тоа како германските пратеници делуваат во поглед на застапувањето на политиките за унапредување на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, климатските промени и урбаната мобилност. 

При посетата, остварија средба со германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ, како и со пратеници од Зелената партија. 

На средбите беше потенцирана важноста од активна вклученост на пратениците од регионот на Западен Балкан во политиките од областа на животната средина и урбаната мобилност бидејќи само така може да се даде импулс во донесувањето на квалитетни законски решенија и доследно спроведување на истите. 

Пратениците исто така беа примени и од преставници на невладината организација „Агора“ која важи за една од најактивните организации во Германија од оваа област, а го посетија и EUREF кампусот каде се запознаа со најиновативните решенија на германските истражувачи и иноватори од полето на енергетската ефикасност и урбаната мобилност. 

Студиското патување беше овозможено од Германското друштво за меѓународна соработка - Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа за енергетска ефикасност (ОРФ ЕЕ), а во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој.