Активности

Понеделник, 5 март 2018 година

Средба на пратениците Мемеди и Локвенец со г. Мирослав Јенча

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија и воедно заменик-претседател на Комисијата за европски прашања, г. Весел Мемеди и претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност, г. Хари Локвенец, се сретнаа со г. Мирослав Јенча, помошник-генерален секретар за политички прашања во Обединетите нации.

На почетокот на средбата, г. Мемеди изрази уверувања дека Република Македонија останува доследна на своите трајни и врвни цели и приоритети, односно членство во Европската Унија и НАТО. Тој додаде дека новата Влада покажува искреност и сериозност во решавањето на спорот со името со Република Грција за да се изнајде решение кое би било позитивно за двете страни и никој не би се почувствувал како губитник. 

Помошникот-генерален секретар Јенча покажа солидарност и поддршка за Република Македонија во напорите за надминување и потребата за изнаоѓање на компромис за прашањето за името, со цел да се одблокира процесот и земјата да стане членка на НАТО и ЕУ. Тој додаде дека е свесен за фактот дека ова прашање е тешко и комплексно, и не е само билатерално, туку и регионално, бидејќи ја тангира безбедноста и стабилноста на регионот. Во тој контекст, тој истакна дека пристапувањето кон ЕУ не е лесен процес и бара исполнување на многу услови, а Република Македонија покажа посветеност на реформскиот пат. 

Пратеникот Хари Локвенец искажа подготвеност владејачкото мнозинство да ги поддржи сите активности кои би ја подобриле соработката на парламентарното мнозинство и опозицијата, со цел да се заокружат реформските процеси и земјата да се движи во позитивна насока на патот кон пристапување во ЕУ. За исполнување на таа цел, неопходен е компромис од двете страни, но и помош од меѓународната заедница, бидејќи станува збор за сензитивно и емотивно прашање.

Присутните на средбата изразија задоволство од посетата и можноста за конструктивна и искрена дискусија, сè со цел Република Македонија што поскоро да ги започне преговорите за да стане дел од големото европско семејство.