Активности

Вторник, 3 октомври 2017 година

Средба на претседателот Џафери со амбасадорoт на Република Куба, Н.Е. Педро Пабло Сан Хорхе Родригез 

На денешната средба со амбасадорот на Република Куба, Н.Е. Педро Пабло Сан Хорхе Родригез, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, ги потенцираше пријателските односи меѓу двете земји и потребата истите во иднина да зајакнуваат и да продлабочуваат. 

Тој го информираше амбасадорот дека во Собранието на Република Македонија е формирана Парламентарна група за соработка со земјите од Латинска Америка и Карибите. Во таа насока, како претседател на Собранието, г. Џафери истакна дека ќе даде свој придонес во зајакнување на парламентарната соработка меѓу двете страни. 

Претседателот Џафери ја нагласи добрата мултилатерална соработка, особено во рамките на ООН, како и поддршката што Република Македонија ја дава кон усвојување на Резолуција во Генералното собрание на ООН за укинување на санкциите кон Куба од страна на САД. Претседателот Џафери, исто така, го поддржа потпишувањето на „Меморандумот за соработка“, меѓу Министерствата за надворешни работи на двете земји и изрази надеж дека во наредниот период ќе бидат потпишани и други билатерални договори во областа на економската и културна соработка.  

Амбасадорот на Куба, Н.Е. Педро Пабло Сан Хорхе Родригез, го искажа своето задоволство и благодарност за средбата со претседателот на Собранието на Република Македонија и изрази надеж дека оваа прва средба ќе биде поттик за проширување и зајакнување на идната соработка меѓу двете страни. 

Тој ги пренесе поздравите од претседателот на Кубанскиот парламент, како и отворената покана до претседателот Џафери да ја посети Република Куба во наредниот период. 

Амбасадорот на Куба ги нагласи пријателските политички и дипломатски односи меѓу Република Македонија и Куба, особено соработката во рамките на ООН и потенцираше дека Куба ја цени поддршката од Република Македонија за усвојување на Резолуцијата во рамките на ООН за укинување на санкциите кон Република Куба од страна на САД. 

Амбасадорот ја нагласи и поддршката на Куба на патот кон евроатланските интеграции на нашата земја и во таа насока го поздрави Договорот за добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како понатамошен чекор кон приближување со ЕУ.

На крајот и двајцата соговорници се согласија дека во период којшто следува ќе работат кон продлабочување на заемната соработка.                                                                                                            

Click