Активности

Петок, 9 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Џоана Мејкок, генерална секретарка на Европското женско лоби

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со генералната секретарка на Европското женско лоби, г-ѓа Џоана Мејкок.

На почетокот на средбата, претседателот Џафери ѝ посака добредојде на г-ѓа Мејкок и изрази задоволство од остварувањето на средбата. Тој истакна дека Собранието на Република Македонија е инклузивно и отворено и во насока на унапредување на родовата еднаквост и еднаквата застапеност има усвоено закон според кој 40% од вкупниот број на пратеници треба да бидат од женскиот пол, односно пратенички. Како резултат на ова, во последните 10 години е забележано зголемување на бројот на застапеност на пратеничките и истите се рамномерно распределени по работните тела на Собранието.

Генералната секретарка на Европското женско лоби, г-ѓа Џоана Мејкок, ја поздрави заложбата и напредокот на Собранието во областа на родовата еднаквост и застапеност и во продолжение ги претстави целите на Европското женско лоби. Таа истакна дека главните цели се зајакнувањето на капацитетите на пратеничките, унапредувањето на родовата еднаквост и Клубот на пратеничките. Во однос на претходното, г-ѓа Мејкок нагласи дека е потребно да се работи во областа на законодавството за унапредување на родовата еднаквост, при што се согласи дека воведувањето на квотата за зголемување на застапеноста на пратеничките во Собранието на Република Македонија е позитивен пример кој може да го следат и други земји. 

Претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, нагласи дека предност во оваа насока е и формирањето на Клубот на пратенички, како и именувањето на жена, односна г-ѓа Цветанка Иванова, на функцијата генерален секретар на Собранието на Република Македонија.  

На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека е потребно да се интензивира соработката и споделувањето на искуствата меѓу Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија и Клубот на пратенички во Европскиот парламент, со цел обезбедување на еднаква застапеност на родовите во сите институции.

Click