Активности

Четврток, 8 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со г. Олег Шчербак, амбасадор на Руската Федерација во Република Македонија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, г. Олег Шчербак.

Претседателот Џафери изрази задоволство од остварувањето на средбата и надеж дека пријателските односи меѓу Република Македонија и Руската Федерација ќе продолжат да се развиваат по нагорна линија. 

Нагласувајќи дека по настаните од 27 април 2017 година, Собранието успеа да се врати во нормален тек на функционирање, претседателот го информираше амбасадорот Шчербак за активностите што му претстојат на Собранието на Република Македонија до крајот на годината, како што е усвојувањето на низа реформски закони кои произлегуваат од препораките на Европската Унија. Покрај тоа, преговорите меѓу власта и опозицијата продолжуваат и покрај одлуката на опозицијата да не учествува во работата на Собранието. 

Претседателот Џафери ги потврди стратешките приоритети на Република Македонија, како што е членството во ЕУ и НАТО, укажувајќи дека во месец април очекуваме позитивен извештај од Европската комисија и покана за членство во НАТО на следниот самит на Алијансата.

Нагласувајќи го значењето на парламентарната дипломатија, претседателот Џафери информираше дека пратениците од Собранието на Република Македонија  се активно вклучени во меѓународните парламентарни активности, а собраниска делегација учествуваше и на 137. Собрание на Интерпарламентарната унија, што се одржа во октомври 2017 година во Санкт Петербург.  

Амбасадорот Олег Шчербак изрази очекување дека билатералните односи меѓу Руската Федерација и Република Македонија ќе продолжат да се продлабочуваат во сите сфери, а особено на полето на меѓупарламентарната соработка. Тој информираше за одбележувањето на „Денот на руската дипломатија“ и за церемонијата што по тој повод ќе се одржи на 9 февруари 2018 година во Битола. Покрај тоа, годинава се навршуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Руската Федерација и Република Македонија и одбележувањето на овој јубилеј ќе даде дополнителен поттик за унапредување на билатералната соработка.

Соговорниците се согласија дека генерално се задоволни од развојот на односите меѓу двете земји, иако постои потенцијал за продлабочување на соработката, и тоа пред сè во доменот на економската соработка, земјоделството, енергетиката и транспортот. 

Click