Активности

Петок, 15 декември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со г. Ванино Кити, претседател на Комисијата за европски политики во Сенатот на Република Италија

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џефери, се сретна со г. Ванино Кити, претседател на Комисијата за европски политики во Сенатот на Република Италија. 

Оценувајќи ги односите меѓу двете држави како пријателски и без отворени прашања, претседателот Џафери изрази надеж дека во блиска иднина ќе се интензивира директната комуникација меѓу законодавните домови на двете држави и тоа како на ниво на комисии, така и на ниво на претседатели на парламенти. 

Тој се заблагодари за континуираната поддршка што Италија ја дава за евроатланската перспектива на Република Македонија и истакна дека се прават сериозни напори за постигнување на конкретни резултати во спроведувањето на реформите, со цел добивање на датум за почеток на преговорите со Европската Унија во 2018 година. 

Претседателот Џафери го информираше гостинот дека со цел да се зајакне комуникацијата со соседите преку отворен дијалог и така да се решаваат тековните проблеми, склучен е Договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија, а покрај тоа, има целосна посветеност за активно ангажирање во разговори со Грција, под покровителство на ОН, за изнаоѓање на заемно прифатливо и достоинствено решение за разликата со името.  

Сенаторот Кити истакна дека во Италијанскиот сенат постои посветеност и интерес за негување и продлабочување на меѓупарламентарните врски со  земјите од Западен Балкан и дека иако во Италија во март ќе се одржат парламентарни избори, очекува неговата посета да биде добра основа за поинтензивна комуникација, контакти и соработка за следниот состав. Нагласувајќи ја важната улога на Собранието во просецот на реформите, тој ги поздрави напорите за градење на добрососедски односи и нагласи дека Италија целосно ја поддржува евроатланската интеграција на Република Македонија. 

Во однос на економската соработка, беше констатирано дека Италија е значаен трговски партнер на Република Македонија, а соговорниците ја поздравија и успешната соработка во областа на одбраната, внатрешните работи, здравството, локалната самоуправа, културата, образованието и науката. Во Република Италија живеат значителен број на граѓани со македонско потекло, што беше оценето како исклучително значаен фактор за продлабочувањето на меѓусебните односи и добра основа за поврзување и градење пријателство.  

Click