Активности

Среда, 6 септември 2017 година

Средба на претседателот Џафери со мексиканскиот амбасадор Бланко 

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Талат Џафери, денеска оствари  средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Мексико во Република Македонија, г. Марко Антонио Гарсија Бланко.

Амбасадорот ги пренесе поздравите од претседателката на Претставничкиот дом и претседателот на Сенатот на Конгресот на Мексико и ја презентираше кандидатурата на сенаторката г-ѓа Габриела Куевас Барон за претседател на Интерпарламентарната унија (ИПУ), нагласувајќи дека сенаторката Куевас Барон има големо парламентарно и меѓународно искуство и изрази надеж дека ќе ја има поддршката и од Делегацијата на Собранието на Република Македонија за нејзиниот избор. 

Претседателот Џафери нагласи дека се залага за промовирање на парламентарната дипломатија и унапредувањето на билатералните односи помеѓу Република Македонија и Мексико, истакнувајќи дека во Собранието веќе е формирана Пратеничка група за соработка со парламентите на земјите од Латинска Америка и Карибите. Господин Џафери посочи дека Собранието на Република Македонија позитивно гледа на кандидатурата на сенаторката Куевас Барон за претседател на најголемата меѓународна парламентарна организација - ИПУ, со оглед на нејзината импресивна биографија и богатото меѓународно искуство.

На средбата стана збор и за можностите за продлабочување на политичката и економската соработка помеѓу двете земји, за што веќе се преземени првите чекори со потпишување на меморандуми за соработка помеѓу владите, стопанските комори и агенциите за привлекување на странски инвестиции. Во овој контекст, претседателот Џафери укажа на потребата од укинување на визите за влез во Мексико за граѓаните на Република Македонија.

На крајот на средбата, соговорниците се согласија за потребата за иницирање на поблиска меѓупарламентарна соработка, како на мултилатерален, така и на билатерален план, пред сè помеѓу претседателите на парламентите на Македонија и Мексико и пратеничките групи за соработка.     

Click