Активности

Петок, 2 ноември 2018 година

Средба на претседателот Џафери со министерот на Косовските безбедносни сили на Република Косово, г. Рустем Бериша

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска го прими министерот на Косовските безбедносни сили на Република Косово, г. Рустем Бериша кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

На средбата двајцата соговорници разговараа за односите меѓу двете соседни и пријателски земји, можностите за нивно продлабочување и заедничките аспирации за членство во НАТО и ЕУ. 

Заемна беше констатацијата дека владите имаат обврска добрите односи меѓу двете земји да ги преточат во реални политики, со кои ќе се овозможи дополнителен напредок во севкупната соработка.

Високиот гостин го запозна претседателот Џафери со текот на процесот за трансформација на сегашните Косовски безбедносни сили истакнувајќи дека по завршената трансформација, овие сили ќе придонесуваат за мирот и безбедноста на целиот регион.

Министерот Бериша зборуваше и за активностите во областа на развојот на соработката со Министерството за одбрана на Република Македонија, која ја оцени како мошне позитивна и динамична, со перспектива за нејзино унапредување.