Активности

Среда, 4 октомври 2017 година

Средба на претседателот Џафери со министерот за надворешни работи на Големото Војводство Луксембург, Н.Е Жан Аселборн  

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, оствари средба со министерот за надворешни работи на Големото Војводство Луксембург, г. Жан Аселборн.

На средбата, претседателот Џафери ги потенцираше отворените и  пријателски односи меѓу двете земји и ја нагласи потребата овие релации во иднина да се зајакнуваат и интензивираат. Претседателот Џафери искажа благодарност за досегашната поддршка од страна на Луксембург за Република Македонија, како и за Регионот на Западен Балкан, во контекст на интегрирање во Европската Унија и НАТО. Тој, исто така, ја потенцираше важноста на зајакнување на парламентарната соработка со Луксембург, како и потребата од интензивирање на севкупната соработка на сите нивоа. Претседателот Џафери се осврна на подготвеноста на државата да извлече поука од политичката криза и настаните од 27 април и изрази уверување дека институциите на Република Македонија имаат капацитет да  овозможат правна разврска на истите. 

Во текот на средбата, претседателот Џафери истакна дека Република Македонија останува посветена на постигнување на својата стратешка цел – членство во НАТО и во Европската Унија и дека тој, како претседател на законодавниот дом, ќе даде свој придонес за земјата да се движи напред, а не да се враќа во минатото.  

Министерот за надворешни работи на Луксембург, г. Жан Аселборн, изрази  задоволство и благодарност за средбата со претседателот на Собранието, честитајќи му на претседателот за досегашното успешно раководење на Собранието. Тој, исто така, нагласи дека го видел и почувствувал ентузијазмот на новата Влада на Република Македонија и изрази поддршка земјата да продолжи да се движи во избраната насока. Министерот Аселборн го потенцираше значењето на европските вредности како што се владеењето на правото и слободата на медиумите и го поддржа потпишувањето на Договорот за добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија како позитивен чекор за нашата земја кој што е во насока на зајакнување на регионалната соработка,  која што е важен аргумент за Брисел и ЕУ,  изразувајќи надеж дека земјата силно и посветено ќе продолжи по патот кон Европската Унија и НАТО.  

Соговорниците истакнаа дека двете страни треба да се заложат за унапредување на постоечките добри билатерални односи, зашто истите се придобивка за граѓаните на двете земји.