Активности

Среда, 4 април 2018 година

Средба на претседателот Џафери со словенечкиот премиер Церар

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со Делегација од Република Словенија, предводена од премиерот Миро Церар. На средбата присуствуваа и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Словенија: г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, г-ѓа Шпреса Хадри, г-ѓа Лилјана Поповска и г. Неџбедин Каремани. 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, на почетокот на средбата нагласи дека Република Словенија е првата држава која воспостави дипломатски односи со Република Македонија и која беше наш прв промотор во Обединетите нации и изрази благодарност за поддршката на Република Македонија за членство во НАТО и ЕУ. Претседателот Џафери ги реафирмира заложбите за реформските процеси во законодавниот дом во приоритетните области, како и за преземените чекори во насока на подобрување на добрососедските односи, поконкретно, потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија и значајното интензивирање на комуникацијата со Република Грција. Во таа насока, претседателот на Собранието ги повтори очекувањата Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија овојпат да содржи безусловна препорака за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ и дека меѓународната заедница ќе ги вреднува постигнатите реформи за земјата да стане полноправна членка на НАТО. 

Премиерот на Република Словенија, г. Миро Церар, ја потврди искрената и силна поддршка која Република Словенија во континуитет ја дава за евроинтеграциските процеси на Република Македонија и објасни дека смета дека тоа е во интерес на стабилноста на регионот и на Европа воопшто. Тој нагласи дека кај европските лидери постои подготвеност да направат чекор напред за придвижување на евроинтегративните процеси за земјите од Западен Балкан, со јасна декларираност за нивната европска перспектива.

Соговорниците беа согласни за значењето на парламентарната дипломатија во унапредувањето на односите меѓу земјите и во рамките на меѓународните мултилатерални организации, особено за потребата од интензивирање на билатералната соработка меѓу Парламентите на Република Македонија и Република Словенија.