Активности

Четврток, 9 ноември 2017

Средба на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери со европратеникот г. Иво Вајгл

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г.Талат Џафери денеска оствари работна средба со пратеникот на Европскиот парламент, г. Иво Вајгл. На почетокот на средбата претседателот Џафери му посака добредојде во Република Македонија и го информираше за тековните случувања на политички план како и за планираните активности на Собранието на Република Македонија до крајот на оваа календарска година.

Европратеникот и известител за Република Македонија во Европскиот парламент, г.Иво Вајгл се заблагодари за можноста да се сретне со претседателот на Собранието на Република Македонија и да поразговараат за промените кои се случуваат во насока на исполнување на обврските поврзани со евроинтеграциските процеси. Европскиот парламент ја поддржува Република Македонија на патот кон Европската Унија и се работи на тоа земјите од Западен Балкан да имаат еднаков третман во регионален контекст.

Освен интересот за актуелните случувања и поместувања од последната посета на групата европратеници во август оваа година, каде и европратеникот беше присутен, се разговараше и за можноста за отпочнување на дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието на одредени теми. Овој дијалог, под покровителство на Европскиот парламент има за цел да придонесе кон создавањето на позитивна атмосфера во Собранието на Република Македонија и подобра комуникација на опозицијата и власта по однос на одредени прашања.

Собранието на Република Македонија и понатаму останува посветено на реформите кои се неопходни за приближување до Европската Унија и добивање на позитивна препорака од страна на Европската Комисија во првата половина од следната година.  

Click