Активности

Среда, 14 ноември 2018 година

Светски ден на дијабетесот 

Комисија за здравство на Собранието на Република Македонија, на својата 17. седница, го одбележа Светскиот ден на дијабетесот - 14 Ноември, кој се одржува на овој ден во чест на роденденот на еден од пронаоѓачите на инсулинот- Фредерик Бантинг

Претседателката на Комисијата за здравство, Мерсада Емини-Асани, на отворањето на седницата, истакна дека дијабетесот денес се вбројува меѓу најчестите ендокринолошки заболувања, со тенденција на рапиден пораст. 

Статистиката е загрижувачка - 425 милиони луѓе во светот имаат дијагностициран дијабетес, 120 илјади во нашата земја, од кои 40.000 се на инсулин, а 500 се деца.

Дијабетесот не е само зголемено количество на шеќер во крвта, тоа е хронична, исцрпувачка и скапа болест која го засега целото семејство. Се јавува како резултат на нездравиот животен стил кој подразбира лоша исхрана со конзумирање на брза храна и газирани пијалоци, намалена физичка активност и прекумерен стрес. 

Во расправата зедоа учество претставници на Министерството за здравство, Националната комисија за дијабетес, Клиниката за ендокринологија, Асоцијацијата за детски дијабетес, пратеници, лица коишто секојдневно се справуваат со сопствениот дијабетес или со дијабетесот на нивните деца.

Беше истакнато дека постојат повеќе типа дијабетес, но најчести се тип 1, кој се лечи со инсулин и тип 2 (околу 90%), карактеристичен за лицата со поголема тежина. 

Со текот на времето, компликациите од дијабетесот можат да доведат до губење на одредена способност или да бидат фатални по видот, бубрезите, нервите, мускулите, животот. 

Навременото откривање е од суштинско значење, со оглед на фактот дека голем број заболени воопшто немаат симптоми и знаци на болеста, а таа се открива кога веќе се јавила некоја компликација, и затоа дијабетесот се смета за тивок убиец.

90% од вкупните трошоци за дијабетес отпаѓаат на компликациите од дијабетесот. Токму затоа е потребно поголемо инвестирање во квалитетни инсулини, глукомери и терапија.

Петте златни правила за справување со оваа болест се: балансирана исхрана, физичка активност, самоконтрола на нивото на шеќер во крвта, едуцирање и употреба на лековите според упатствата.

Се упати апел за подигнување на јавната свест, едукација, превенција и рано откривање на дијабетесот. Неопходна е поголема кампања, затоа што тоа е основно човеково право за нормален и достоинствен живот.

Комисијата за здравство и Собранието на Република Македонија ќе ги поддржат сите квалитетни забелешки и предлози и остануваат отворени и должни да излезат во пресрет на сите засегнати страни.

Click