Активности

Среда, 13 септември 2017 година

Трета седница на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство

Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство на Собранието на Република Македонија, на 3. седница, одржана на 11 септември 2017 година, како матично работно тело во прво читање го разгледа Предлогот на законот за дополнување на Законот за водостопанство (поднесен од пратениците: Љупчо Димовски, Никола Мицевски, Љубен Арнаудов, Павлинче Честојнова, Димитар Стевананџија, Илија Димовски, Слаѓана Митовска, Жаклина Пешевска, Зоран Ѓорѓиевски, Панчо Минов).

Пратеникот Никола Мицевски, како претставникот на предлагачите, ја нагласи потребата за донесување на законот, целите што ќе се постигнат и основните решенија што се уредуваат со законот. 

Тој истакна дека со донесување на законот во 2016 година, биле увидени аномалии од разговори со земјоделците кои директно се засегнати со овие измени кои денеска се предлагаат. Пратеникот истакна дека на едно приватно здружение на приватно земјоделско земјиште, со целосна приватна опрема се става во ситуација да биде преземено од АД Водостопанство. Како пример го посочи случајот со земјоделците од Крани, кои имаат вложено лични средства на приватно земјиште, при што истата требало да биде преземена од АД Водостопанство. 

Од овие причини се предлага законот за дополнување на Законот за водостопанство со цел АД Водостопанство на Република Македонија да не ги преземе и да не стопанисува со системите за наводнување кои се на опфат не помалку од 50 ха и со не помалку од 100 корисници или сопственици на земјоделско земјиште и се наоѓаат на приватно земјоделско земјиште, а истите се изградени од сопствени средства на корисниците кои се здружени во земјоделски задруги или други правни субјекти, за кои има целосна проектна документација, решение за водостопанска согласност и одобрение за градење на системите. 

Пратеникот смета дека со ова ќе се добие подобар ефект и ќе се даде можност и на други земјоделци за ваков начин на здружување, со цел зголемување на продуктивноста. 

На крајот од својата дискусија пратеникот истакна дека законот не предизвикува финансиски импликации, па во интерес на земјоделците смета дека треба од Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство да добие подршка за негово донесување.

Во дискусија по Предлогот на законот учествуваа пратениците: Татјана Прентовиќ, Диме Велковски, Мира Стојчевска и Љупчо Димовски. 

На крајот Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, со 4 гласа „за“ и 6 гласа „против“ не го усвои следниот ЗАКЛУЧОК:

  • Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство го разгледа Предлогот на законот за дополнување на Законот за водостопанство (прво читање) и оцени дека истиот е прифатлив и треба да се даде на натамошно читање.
Click