Активности

Среда, 4 јули 2018 година, Хрватска

Учество на претседателот Џафери на Конференција на тема „Современите предизвици на Трансатлантскиот безбедносен простор" 

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на 3-ти и 4-ти јули 2018 година, учествуваше на Конференцијата организирана од страна на Атлантскиот сојуз на Хрватска и Фондацијата Ханс-Сајдел (Hanns-Seidel Stiftung) во соработка со Институтот за развој и Меѓународни односи (IRMO), на тема: "Современите предизвици на Трансатлантскиот безбедносен простор", во Шипан-Република Хрватска.

Конференцијата е намената за 30-тина млади лидери од земјите во регионов, а претседателот Џафери одржа предавање пред младите учесници при што сподели со нив дел од неговото професионално искуство, а се осврна и на актуелните случувања во Република Македонија и регионот. 

Во контекст на темата, претседателот Џафери истакна дека Западен Балкан, според стандардите и вредностите кои сè повеќе преовладуваат, станува составен дел на евроатланските асоцијации, при што подвлече дека, сите во регионот може да најдат заеднички прифатливи решенија за кој било проблем или отворено прашање, само преку дијалог и отворена соработка, особено кога станува збор за заеднички предизвици. Најсвеж пример за тоа е бегалската криза, при која регионот Западен Балкан и секоја држава посебно, одиграа многу позитивна и одговорна улога. Исто така, претседателот на Собранието нагласи дека, актуелната влада на Република Македонија и парламентарното мнозинство, оваа година направија значајни потези кои имаат историска димензија, како за граѓаните на Република Македонија, така и за регионот и неговата евроатланска перспектива. Имено, тој ги наброи позитивните чекори во оваа насока како што се напорите на нашата земја за добрососедски односи преку потпишување на Договорот за пријателство со Република Бугарија, како и постигнатиот договор со Република Грција, со кој се приближуваме до конечно решавање на едно од најтешките прашања за нашата земја. 

На крајот на предавањето, учесниците имаа можност да поставуваат прашања, при што претседателот Џафери истакна дека е вистинско задоволство да учествува на дебата со идни млади лидери од регионов, лидери кои утре ќе носат одлуки кои директно или индиректно ќе влијаат врз севкупниот контекст, било во нивните држави, било на ниво на регионот и пошироко.

Click