Активности

Петок, 2 март 2018 година

Втора средба помеѓу Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и претставници на органите и институциите кои испраќаат годишни извештаи до Собранието на Република Македонија

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на втората средба со претставниците на органите и на институциите кои испраќаат годишни извештаи до Собранието на Република Македонија, ја презентираше стандардизираната форма на годишни извештаи на независните институции, во насока на унапредување на надзорната функција на Собранието на Република Македонија. 

Во рамките на овој проект, органите и независните институции коишто доставуваат годишни извештаи до Комисијата за политички систем се задолжуваат годишните извештаи да ги доставуваат во стандардизирана усогласена форма, којашто ќе обезбеди поголема прегледност, но и поголема контрола на нивната работа.

Воведно обраќање на состанокот имаше претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, кој оцени дека преку стандардизираната форма на извештаите ќе се зголеми ефикасноста во работата на независните институции, но во исто време и ефикасноста на Собранието.

Овој процес, според претседателот на Собранието, г. Талат Џафери, ќе придонесе за поквалитетна отчетност, а преку тоа и подобро разбирање и зголемена доверба на јавноста во работата на независните институции. 

Претседателот на Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, г. Александар Кирацовски информираше дека во процесот на стандардизацијата на извештаите што ги доставуваат органите и институциите учествуваа сите парламентарни групи, но и претставници на институциите кои доставуваат годишни извештаи до Комисијата. Овој процес, рече Кирацовски, е во корист на самите институции, бидејќи на овој начин ќе имаат квалитетен канал преку кој ќе ги пренесуваат информациите коишто се неопходни, не само за контролната функција на Собранието на Република Македонија, туку и за потребата за јавност на нивната работа, транспарентност и отчетност. 

Заменик-претседателот на Комисијата, г. Хари Локвенец, кој го водеше целиот процес на изработка на стандардизираната форма на извештаите, оцени дека преку овој метод се зајакнува надзорната функција на Собранието на Република Македонија. Тој нагласи дека новата форма на извештаи ќе овозможи и вертикална и хоризонтална контрола, преку можноста за споредување на податоците од самите институции со податоците од претходните години, но и преку споредба на податоците меѓу различни институции. 

Процесот на усогласување и стандардизација на формата на извештаите, кој се одвиваше со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Комисијата за политички систем го започна во ноември минатата година. 

На презентацијата на новата форма на извештаите свое обраќање имаше и раководителот на Отсекот за демократско владеење и социјална кохезија при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, г. Нинослав Васиљевиќ. Тој нагласи дека на овој начин пратениците ќе добиваат структурирани извештаи, кои ќе бидат повеќе читливи, но истовремено ќе се обезбеди и поголема транспарентност во работењето на институциите. 

Свое обраќање на средбата имаа и Спасе Глигоров, директор на Агенцијата за администрација, Игор Кузевски, претставник од Дирекцијата за заштита на личните податоци, Ирена Брзанова, претседател на Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен и Симона Лескароска, како претставник на Државна комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка.  

Click