Активности

Среда, 25 април 2018 година, Стразбур

Заложба за слобода на медиумите како фундаментално право на секое демократско општество

Во рамките на априлската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на денешната сесија посветена на слободата на уредничката политика и статусот на новинарите во Европа, пратеникот Бетиане Китев, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на СЕ, истакна дека слободата на изразување и информации е фундаментално право гарантирано со член 10 од Европската конвенција за човекови права, кое ја вклучува слободата на медиумите, што е суштинско и задолжително за постоењето и развојот на секое едно демократско општество.

Како императив на парламентарците во иднина треба да биде нивната заложба да се заштитат медиумските професионалци, да се обезбеди слобода на изразување и заштита на изворите и, соодветно, да се стави крај на неказнивоста за напади врз новинарите.

Господинот Китев во своето излагање се осврна и на Извештајот на Европската комисија за Република Македонија за 2018 година, во кој е констатирано дека медиумската клима е подобрена. Потенцираше дека добар напредок е постигнат во слободата на изразување, особено во подобрувањето на климата за работата на медиумите и намалувањето на притисокот врз новинарите. Ја истакна потребата од реформа на Јавниот радиодифузен сервис и се заложи за зајакнување на професионалноста на медиумите и санкционирање на сите форми на насилство врз новинарите.

Како важен сегмент во дебатата воопшто, беше истакнато дека кога во поларизираните општества постои недостаток на доверба во институциите и каде зголемувањето на едностраните информации или дезинформации е засилено од социјалните медиуми, силно и независно новинарство е повеќе од поважно.

Click