Средби пратеници

Вторник, 6 март 2018 година

Груби се сретна со францускиот амбасадор Тимоние

Денеска, претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Артан Груби оствари средба со амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние.

На средбата беа разменети мислења за европскиот и евроатлантскиот курс на Република Македонија, спорот со Атина, Охридскиот договор и други.

Во тој контекст, Груби се осврна и на напорите за надминување на разликите со името со Република Грција, сè со крајна цел, Република Македонија да стане членка на НАТО и ЕУ. Груби истакна задоволство од динамиката на чекорите кон конечното решение на спорот помеѓу Скопје и Атина.

Груби и Тимоние разменија мислења и за Законот за употреба на јазиците со кој ќе се заокружи нормативниот дел на Охридскиот рамковен договор, со што Македонија ќе стане посилна, постабилна, посигурна и покохезивна.

На средбата беа разменети мислења за натамошно унапредување на билатералните односи, преку зајакнување на меѓусебната соработка во различни сфери од заемен интерес.