Hidden render

Понеделник, 4 јуни 2018 година

Работна средба на Комисијата за финансирање и буџет 

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска и членовите г. Панче Иванов и г. Реџаиљ Исмаили, одржаа средба со г. Метин Хакверди, пратеник и член на Комисијата за финансии, буџетирање и Европската Унија во Бундестагот на Република Германија. Средбата беше остварена на барање на Фондацијата Фридрих Еберт.  

На средбата се разговараше за работата на Комисијата за финансирање и буџет, нејзините надлежности, а посебен акцент беше ставен на даночната политика во државата. 

Претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, г-ѓа Лилјана Кузмановска, му посака срдечно добредојде на својот германски колега и изрази надеж дека во иднина ќе се зајакне соработката помеѓу Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија и надлежната Комисија за финансии и буџет во германскиот Бундестаг. Госпоѓа Кузмановска го запозна г. Метин Хакверди со начинот на работа на Комисијата и нејзините надлежности, при што истакна дека во процес на имплементација е зголемување на надлежностите на Комисијата во делот на разгледувње на конечните ревизорски извештаи на Државниот завод за ревизија, а со цел поголема транспарентност, контрола и надзор на трошењето на јавните средства. 

Господин Метин Хакверди истакна дека му претставува особена чест и задоволство да биде гостин на Република Македонија. Тој посочи дека Република Македонија има силна поддршка од Република Германија во  процесот на евроатланските интеграции.  Како член на Комисијата за финансии и буџет во германскиот Бундестаг, пратеникот се осврна на даночната политика и даночниот систем во Република Македонија. Господин Хакверди посебен акцент стави на данокот на добивка и персоналниот данок на доход и укажа дека сите реформи во даночниот систем треба да бидат насочени пред сè кон подигнување на стандардот на 25%, најсиромашни граѓани во државата. Исто така, особено важно е да се разменуваат мислења и аргументи за даночната политика во тек на преговорите за влез на земјата кандидат за член во ЕУ, како на внатрешен план помеѓу политичките партии, така и на меѓународен план. Беше потенцирано дека се потребни реформи во даночниот систем и политиката на ниски даноци со цел да се привлечат странски инвеститори може да има долгорочни последици.

Во текот на средбата беше изнесено дека добрите практики на земјите членки на ЕУ во областа на даночната политика ќе бидат користени и во реформите на даночниот систем во Република Македонија. 
Пратеникот Реџаиљ Исмаили посочи дека парламентарното мнозинство смета дека е потребно да се воведат прогресивни стапки на персонален данок на доход, со што граѓаните кои остваруваат поголем доход, би плаќале и повисок данок. Се укажа дека треба да се внимава и да се биде претпазлив при зголемување на даночните стапки, бидејќи тоа може да влијае на зголемување на сивата економија и одлив на висококвалификувани кадри кои остваруваат високи приходи, особено на оние од ИТ секторот. 

Пратеникот Панче Иванов посочи дека се превидува стапките на данок на добивка да бидат непроменливи, односно стабилни во текот на неколку години, а со цел да се обезбеди сигурност на странските инвеститори.  

На крајот, средбата беше позитивно оценета, се изрази благодарност за поддршката која Република Германија ѝ ја дава на Република Македонија и се посочи дека секоја препорака и сугестија е добредојдена и ќе биде прифатена.

Click