Hidden render

Четврток, 14 септември 2017 година

Средба на членовите и заменици-членови на Комисијата за европски прашања со г. Матијс ван дер Плас

Вчера (13 септември 2017), членовите и заменици-членови, на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, имаа средба со генералниот директор за европска соработка во Министерството за надворешни работи на   Кралството Холандија, г. Матијс ван дер Плас, кој беше во придружба на г-ѓа Вивијан Сандерс од Директоратот.

На средбата  беа разменети мислења и ставови за актуелните случувања во Европската унија, со посебен осврт на европските прилики од аспект на понатамошното  проширување на Унијата  со нови земји членки, пред сè, со државите од Западен Балкан.

Претседателот на Комисијата, г. Артан  Груби, ја потенцира холандската континуирана поддршка за евроатлантските интегративни процеси на Република Македонија, при што истакна дека земјата работи на исполнување на потребните ЕУ реформи, со цел на Унијата да ѝ ги испорача сите потребни аргументи за отстранување на условената препорака во есенскиот извештај на Европската комисија. 

Исто така, тој искажа благодарност за холандската поддршка на земјата на повеќе полиња, за што доказ е и тоа што во минатите 20 години Холандија обезбедила финансиска и техничка помош од над 200 милиони евра.

Во дискусијата учество земаа пратениците: Антонијо Милошоски, Никола Поповски и Петар Атанасов.

Click