Hidden render

Вторник, 14 ноември 2017 година

Средба на г. Јован Митрески со г-ѓа Наталија Задорожњук, амбасадор на Украина во Република Македонија

Претседателот на Пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Парламентот на Украина, г. Јован Митрески, оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Украина во Република Македонија, г-ѓа Наталија Задорожњук.

Господин Митрески упати честитки до г-ѓа Наталија Задорожњук за нејзиното именување за вонреден и ополномоштен амбасадор на Украина во Република Македонија и изрази уверување дека нејзиното дипломатско искуство и познавање на регионот, а особено на Република Македонија ќе бидат одлична основа за продлабочување на добрите билатерални односи меѓу двете земји. 

На средбата се дискутираше за прашања од доменот на билатералните односи и соработка меѓу Република Македонија и Украина, како и соработката меѓу парламентите на двете земји.

Посебен акцент беше ставен на претстојната посета на Република Македонија од страна на Делегација на Пратеничка група на Врховната Рада (Парламентот) на Украина за меѓупарламентарни односи со Република Македонија, предводена од претседателот на групата, г. Андриј Шињкович. Посетата ќе се реализира од 21 до 23 ноември 2017 година.

Амбасадорката, г-ѓа Задорожњук, се заблагодари за континуираната поддршка на Република Македонија на Украина, а особено на парламентарната поддршка во рамките на меѓународните собранија во кои членуваат парламентите на двете земји. Истовремено, таа изрази надеж дека ваквата соработка ќе продолжи и во иднина.

Господин Митрески се заложи за унапредување на економската соработка и трговската размена меѓу Република Македонија и Украина, имајќи предвид дека меѓу двете земји е изградена богата нормативно-правна рамка.

На крајот од средбата, соговорниците се согласија да остваруваат редовни контакти и изразија уверување дека парламентарната соработка меѓу Република Македонија и Украина ќе продолжи да се продлабочува.

Click