Средби пратеници

Петок, 9 ноември 2018 година

Средба на координаторот Томислав Тунтев со Н.Е. амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ, Клеменс Која 

Координаторот на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, Томислав Тунтев денеска во Собранието на Република Македонија имаше средба со Н.Е. амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Клеменс Која. Процесот на уставни промени што е отпочнат во Собранието на Република Македонија, формирањето на работното тело за помирување, како и потребата паралелно со овој процес пратениците да работат на реформските законски проекти беа клучните теми на кои се осврнаа двајцата соговорници. 

Координаторот Тунтев искажа уверување дека очекува процесот за промена на Уставот, којшто за Македонија ќе значи отворање на вратите за членство во НАТО и за почеток на преговорите за членство во ЕУ ќе заврши успешно на почетокот на наредната година. Информираше дека постапката за уставни измени е во втора фаза и дека дискусијата досега се одвива во конструктивна атмосфера. 

Амбасадорот Која се интересираше за реформските приоритети кои Република Македонија треба да ги реализира паралелно со процесот на имплементација на уставните измени. 

Координаторот Тунтев најави дека реформските процеси се клучни и дека во периодот што следува интензивно ќе се работи на неколку реформски закони во областа на судството, борбата против корупцијата, како и во делот на правосудството. Секако, објасни Тунтев, парламентарното мнозинство ќе работи на тоа да обезбеди што е можно поширока парламентарна поддршка за овие реформски закони. 

Амбасадорот Која, кој е прв човек на Мисијата на ОБСЕ неполни два месеци, изрази надеж дека и понатаму ќе продолжи успешната соработка меѓу ОБСЕ и Собранието воопшто, но и поединечната соработка што ОБСЕ ја има со пратеничките групи. Особено во делот на зајакнување на надзорната улога на Собранието на Република Македонија. Тој најави инфраструктурна поддршка од ОБСЕ за локалните канцелари на пратениците.