Средби пратеници

Среда, 20 декември 2017 година

Средба на пратеникот Груби со бугарскиот амбасадор Петков

Денеска претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Артан Груби, имаше средба со амбасадорот на Република Бугарија во Република Македонија, г. Иван Великов Петков.

На средбата која помина во духот на пријателство и конструктивност,  г. Груби ја искажа својата убеденост дека поддршката од Бугарија за зачленување на Македонија во ЕУ и НАТО е силна, и во таа смисла, пред сè, со помош од Софија ќе се отстрани условената препорака за почеток на преговорите за ЕУ членство, во рамките на претстојното шестмесечно претседавање на Бугарија со ЕУ, кое ќе започне од јануари следната година.

Груби го истакна значењето на добрососедските односи со Бугарија, при што изрази целосна поддршка на постигнатиот Договор за добрососедски односи со Бугарија и изрази очекување истиот да биде ратифкуван во најскорешен можен рок.

Груби изјави дека се залага до крајот на годинава да се реши прашањето за новиот обвинител, Законот за верификации на факти и Законот за судскиот совет со надеж дека и опозицијата ќе продолжи да делува во Собранието, ќе ги поддржи и ќе стане дел од реформските решенија со што ќе се испорачаат видливи резултати до Брисел, со цел добивање на чиста препорака и датум за почеток на преговорите со Европската унија.

Амбасадорот Петков, истакнувајќи ја бугарската поддршка за Република Македонија на патот кон НАТО и ЕУ, информира дека Бугарија е силен поддржувач на процесот на проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, и дека во рамките на нивното претседавање, еден од главните приоритети на Бугарија ќе биде токму овој процес.

На средбата беше договорено дека на 15 јануари 2018 година, на посебна тематска седница во организација на Комисијата за европски прашања, амбасадорот Петков ќе има презентација на Програмата и приоритетите на идното Претседателство на Република Бугарија со Европската унија.

Исто така, амбасадорот Петков информираше за сите предвидени активности во рамките на Претседателството, како што е Премиерскиот самит посветен на земјите од Западен Балкан, кој ќе се оддржи на 17 мај во Софија, како и за официјалната посета на Република Македонија на г. Иван Радев, претседател на Република Бугарија.