Hidden render

Среда, 19 септември 2018 година

Средба на пратеникот Груби со француската пратеничка Танги

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, имаше средба со Лилијана Танги, пратеничка во Националното собрание на Република Франција и заменик-претседателка на Комисијата за европски прашања, во придружба на амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, Н.Е. Кристијан Тимоние.

На средбата беа разменети мислења за актуелните случувања во земјата и во Регионот, со посебен осврт на претстојниот референдум на 30 септември годинава.

Груби информира дека кампањата за успешен референдум е во тек и дека состојбата на теренот, досега, е задоволителна, односно постои позитивно расположение кај гласачите во земјата да се изјаснат за поддршка на Договорот од Преспа и зачленување на Македониај во ЕУ и НАТО.

Во тој контекст, истакна дека референдумот ќе успее и дека владејачкото мнозинство засилено работи на постигнување на потребниот цензус на излезност на гласачите.

Груби нагласи дека референдумот ќе успее затоа што тоа го посакуваат граѓаните.

Исто така, изрази убеденост дека потоа уставните аманмадмани, кои произлегуваат од Договорот, ќе бидат изгласани во Собранието на Република Македонија.

Пратеничката Танги, повторно, ја потврди континуираната поддршка на Франција за евроатлантското зачленување на Македонија, при што ја истакна француската поддршка за успешен референдум, потенцирајќи го значењето на овој референдум за иднината на земјата, во контекст на наше зачленување во овие важни меѓународни структури.

Груби се заблагодари на големата политичка поддршка на претставниците на меѓународната заедница, како и на Франција, кои даваат искрена поддршка за позитивен исход на референдумот и нашето зачленување во ЕУ и НАТО.

Click