Собраниско раководство

Понеделник, 19 јуни 2017 година, Рига

Средба на претседателот Џафери со г-ѓа Инара Мурниеце, спикер на Парламентот на Република Латвија

Во рамките на учеството на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, на 8. Меѓународен безбедносен форум во Рига, денеска оствари официјална средба со г-ѓа Инара Мурниеце, спикер на Парламентот на Република Латвија. 

На средбата беше изразена благодарност за силната и конкретна поддршка што Република Латвија ја дава на Република Македонија на планот на европската и евроатланската интеграција. Како мошне позитивен импулс во тој контекст беше спомената Заедничката изјава за отворање на пристапните преговори на Европската унија со Република Македонија, усвоена од страна на претставници на комисиите за европски прашања на парламентите на Латвија, Литванија и Естонија во 2012 г. Со таа изјава се промовираше концептот на паралелно решавање на спорот околу прашањето на името и започнување на пристапни преговори, концепт кој потоа беше поддржан од многу земји членки на Европската Унија.

Госпоѓата Мурниеце му упати срдечни честитки за изборот на функцијата претседател на Собранието на Република Македонија. Истовремено го честиташе изборот на новата Влада, како прв чекор кон стабилизација на политичката состојба во државата по немилите настани од 27 април, кои ги осуди како напад врз демократијата. Таа истакна дека Република Латвија и натаму ќе остане силен поддржувач на европската и евроатлантската интеграција на Република Македонија, бидејќи стабилноста на Западен Балкан зависи од неговата целосна европска интеграција. Со тоа ќе се создадат цврсти основи за елиминирање на сите негативни меѓународни влијанија во регионален безбедносен контекст.  

Соговорниците споделија заемни уверувања и очекувања дека цврсто воспоставената билатерална соработка меѓу Собранието на Република Македонија и Парламентот на Република Латвија на ниво на пратенички групи за соработка ќе продолжи и во иднина со несмалено темпо, со што пратениците од двата парламента ќе имаат можност одблиску да разменуваат мислења и искуства од парламентарното работење, меѓународната политика и други актуелни прашања. 

Собранието на Република Македонија и Парламентот на Република Латвија, заедно со Унгарскиот парламент, пред неколку години имаа успешен ИПА Проект, чиј проектен тим беше предводен од ескпертка од Република Латвија, при што преку серија на семинари, поблиску го доближија процесот на пристапувањето кон ЕУ до службениците во Собранието на Република Македонија, знаењата и практичните искуства што ги стекнале на патот за членство кон ЕУ, особено предизвиците при спроведување на потребните реформи кои се бараат од парламентите на земјите кандидати за членство во Европската Унија.

Click