Собраниско раководство

Петок, 16 септември 2016 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на ПССЕ, г. Педро Аграмунт

Денеска во рамките на Европската конференција на претседатели на парламенти, која се одржува во Стразбур, Француската Република, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, се сретна со домаќинот на Конференцијата, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Педро Аграмунт.

Претседателот Вељаноски изрази задоволство од денешната средба на која имаше можност да се разговара за актуелните случувања во нашата земја и во Европа. Двајцата соговорници се согласија дека сите предизвици може да се надминат со смирен пристап и дијалог, со цел добросостојба на сите граѓани и подобра иднина на државата. Во оваа прилика, г. Вељаноски упати благодарност за принципиелната политика на Советот на Европа кон Република Македонија и постојаната поддршка која нашата земја ја добива од нивна страна.

Претседателот Аграмунт се заблагодари за учеството на претседателот Вељаноски на Конференцијата и истакна дека особено е значајна соработката на Република Македонија со сите тела на Советот на Европа. Тој изрази заинтересираност да ја посети Република Македонија и да оствари средби на кои одблизу би се запознал со состојбите во земјата.

Претседателот Вељаноски упати официјална покана претседателот Аграмунт да ја посети Република Македонија и да биде гостин на Собранието. Двајцата соговорници изразија убедување дека досегашната успешна соработка помеѓу Република Македонија и Советот на Европа и во иднина ќе продолжи да се развива во нагорна линија.

Click