Неформални групи

Четврток, 8 март 2018 година

Клубот на пратенички со заедничка и единствена цел - РОДОВА РАМНОПРАВНОСТ! 

Клубот на пратенички вчера ја одбележа 15-годишнината од своето формирање. Како прв клуб во Регионот, со години е пример за другите парламенти како може жените да се обединат околу за нив битни прашања, надминувајќи ги политичките, етничките и верските граници.  

По повод овој јубилеј, свои обраќања имаа: г. Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Македонија; г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, потпретседателка на Собранието на Република Македонија; г-ѓа Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија; г-ѓа Луиза Витон, постојана координаторка на Обединетите нации во Република Македонија; г-ѓа Лилјана Поповска, една од основачките на Клубот на пратенички и поранешна претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; г-ѓа Даниела Рангелова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите; г-ѓа Даниела Димитриевска, директорка на Македонското женско лоби; г-ѓа Савка Тодоровска, претседателка на НСРР-СОЖМ и г. Крис Хеншоу, директор на НДИ Македонија. Во дискусијата, исто така, зедоа збор повеќе актуелни и поранешни пратенички.   

Меѓу другото, беше истакнато дека Собранието ќе започне со реализација на проектот за чување и промоција на придонесот на пратеничките и носителките на функции во Собранието. За таа цел, во законодавниот дом ќе биде отворена „женска соба“, по примерот на Шведскиот парламент, во која пратеничките ќе можат да дебатираат за решавање на проблемите на жените. 

Исто така, беше укажано дека од формирањето на Клубот се постигнати големи резултати во заштита на правата на жените, но дека треба уште многу да се работи за нивно унапредување со носење и имплементирање на закони во интерес на родовата рамноправност. 

На одбележувањето на 15-годишнината беа присутни над 45 пратенички од опозицијата и од позицијата, кои испратија порака дека се задоволни од постигнатото, но не се задоволни што сè уште се сметаат како бројки и квота. Неодамна усвоената Истанбулска конвенција треба да биде устав за идното работење.

Инаку, Клубот на пратенички е неформална група во Собранието на Република Македонија, формиран на 7 март 2003 година во рамките на Регионалниот проект на Пактот за стабилност - Маса за родова рамноправност, со помош на локалните партнери Македонско женско лоби, СОЖМ и Одделението за унапредување на рамноправноста меѓу половите при Министерството за труд и социјална политика. Веќе традиционално, Националниот демократски институт за меѓународни работи (НДИ) со финансиска поддршка на Американската развојна агенција УСАИД го поддржува Клубот на пратенички.

Клубот на пратенички останува да делува со заедничка и единствена цел - преку законски решенија да се постигне родова рамноправност и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на македонското општество. 

Click