Pratenichki sostav
 
Пратенички состав


ШЕKЕРИНСКА РАДМИЛА 

  

 

 

 

 

 

   Родена 10.06.1972 година во Скопје.
     
  
   Магистерските студии по меѓународни односи ги заврши на Флечер школата за право и дипломатија (Fletcher School of Law and Diplomacy) во САД. Дипломирала на Електротехничкиот факултет - Скопје во 1995 година како еден од најдобрите студенти во генерацијата.
     
  
   Избрана за претседател на СДСМ во ноември 2006 година на партискиот Вонреден Конгрес.
     
  
   На парламентарните избори во јули 2006 година избрана за пратеник во Собранието на Република Македонија. Во моментов, шеф на македонската опозиција, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, член на Комисијата за надворешна политика, Комисијата за европски прашања и Комитетот за односи меѓу заедниците.
     
  
   Во периодот од 2002 до 2006, Радмила Шекеринска беше заменик претседател на Влада, задолжена за европска интеграција и координација на странска помош во состав на три консекутивни владини состави. Токму во време на нејзиниот мандат, Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и ЕУ стапи во сила; Република Македонија поднесе барање за членство во Европската Унија, а во декември 2005 година, по добиениот позитивен извештај од Европската Комисија - Република Македонија се стекна со статусот на земја-кандидат за членство во ЕУ.
     
  
   Поради своите залагања и резултати на полето на европската интеграција на Македонија и регионот, Шекеринска, во 2005 година, беше добитник на наградата МЛАД ГЛОБАЛЕН ЛИДЕР која и ја додели Светскиот економски форум. Воедно, Шекеринска е член на Европскиот Стратешки Форум кој ги анализира стратешките прашања кои се однесуваат на Европската Унија. Форумот работи под покровителство на Претседателот на Португалија, претседателот на Европската Комисија, премиерот на Луксембург и поранешниот претседател на Европскиот Парламент.
     
  
   Шекеринска за прв пат беше избрана за пратеник на парламентарните избори во 1998. Во тој мандат беше заменик-координатор на Пратеничката група на СДСМ; член на Комисијата за надворешна политика, Комисијата за образование и наука и Комисијата за животна средина, млади и спорт. Таа воедно беше член на делегацијата во Интерпарламентарната унија (ИПУ) и член на пратеничката група за соработка со Европскиот парламент.
     
  
   Како една од само четири жени-пратенички во Собранието на Република Македонија, Шекеринска постојано се залагаше за воведување на активни мерки за зголемување на учеството на жените во политичкиот живот во Македонија. Како резултат на силните залагања, СДСМ беше првата голема партија која воведе принцип на квоти за жени во сите свои партиски органи. Дополнително, за време на Владата на СДСМ, Македонија доби извонредно напредна законска регулатива со која сите партии беа обврзани да имаат најмалку 30% жени на сите свои изборни листи. Лобирањето на женските НВО-а и женските клубови во СДСМ беше силно поддржано од Шекеринска.
     
  
   Пред да биде избрана за претседател на СДСМ, Радмила Шекеринска беше потпретседател на ЦО СДСМ во два последователни мандати (1999-2003 и 2003-2006). Од 1999 година, ја вршеше и функцијата на интернационален секретар на СДСМ и за време на нејзиниот мандат, СДСМ беше примена за членка на Социјалистичката Интернационала. Во 1997 и 1999 година, Шекеринска беше портпарол на СДСМ.
     
  
   Својата политичка кариера, Радмила Шекеринска ја започна во Социјалдемократската младина на Македонија во 1992 година. Учествуваше во изработката на Платформата на СДММ и нејзиното автономно политичко дејствување во рамките на СДСМ. Во 1995 Радмила Шекеринска беше избрана за претседател на СДММ. За време на својот прв мандат, со раководството на СДММ успеа да се избори за 20% квота за млади во сите органи на СДСМ.
     
  
   Говори англиски и француски јазик.