СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Четврток, 17 мај 2018 година

Самит ЕУ-Западен Балкан

Денеска во Софија, Бугарија, се одржува Самитот на Европската Унија и Западниот Балкан, како потврда на посветеноста на ЕУ кон своите партнери од овој регион и неговата припадност на европското семејство.
Самитот има за цел зајакнување на врските помеѓу ЕУ и Западен Балкан во инфраструктурата, дигиталното и човечкото поврзување, односно справување со заедничките предизвици, како што се безбедноста, миграцијата, геополитичките случувања и добрососедските односи.

Домаќин на Самитот во Бугарија, како актуелен претседавач со Советот, ќе биде бугарскиот премиер, г. Бојко Борисов, а ќе присуствуваат шефови на држави или влади од земјите членки на ЕУ и лидерите од шесте партнери од Западен Балкан: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово.

Претседавач со Самитот ќе биде претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, а ќе присуствуваат и претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер; претседателот на Европскиот парламент, г. Антонио Тајани; високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, г-ѓа Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување, г. Јоханес Хан. 

Исто така, ќе учествуваат претставници на Европската банка за обнова и развој, Светската банка, Европската инвестициона банка и Советот за регионална соработка.

Во пресрет на состанокот, г. Туск, изрази уверување дела ЕУ е единствениот партнер кој вистински се грижи за стабилноста и просперитетна иднина на целиот регион и дека европската перспектива за Западен Балкан треба да остане цврста заложба на двете страни.