СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Петок, 12 октомври 2018 година 

Собраниска делегација на Интерпарламентарна конференција во Виена

Делегација на Собранието на Република Македонија, во состав: Хари Локвенец претседател на Комисијата за одбрана и безбедност; Ејуп Аљими, координатор на Пратеничката група на Демократската унија за интеграција и Горан Милевски, копретседавач со Мешовитиот парламентарен Комитет Република Македонија - Европска Унија, учествуваше на Интерпарламентарната конференција организирана од страна на Комисијата на заедничка надворешна и безбедносна политика и Комисијата на заедничката безбедносна политика на државите членки на ЕУ, што се одржа од 10 до 12 октомври 2018 година во Виена, Република Австрија.

На Конференцијата учествуваа претставници од националните парламенти, Европскиот парламент, Европската комисија, експерти од областа на надворешната политика и одбраната, професори и медиуми.

Се отвори дебата за значајни и актуелни прашања, како: безбедност, миграција, заштита и контрола на надворешните граници на ЕУ, отпор против американските санкции кон Иран - со договор за денуклеаризација на Иран, европски перспективи за Западен Балкан, позиционирањето на Европската Унија во сирискиот конфликт, Европа во глобален контекст, начини на зајакнување на одбраната во ЕУ и др.

На Конференцијата свои обракања имаа: претседателот на Австрискиот национален совет (Горниот парламентарен дом), Волфганг Соботкаж; претседателот на Австрискиот федерален совет (Долниот парламентарен дом), Инге Пош-Грушка; претседателите на Комитетот за надворешна политика и Националниот комитет за одбрана на Австрискиот национален совет, Андреас Шидер и Рајнхард Еуген Бош; како и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Дејвид МекАлистер.

Во своето видео-обраќање, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, напомена дека Унијата постојано напредува кон зајакнувањето на надворешната политика и одбраната во ЕУ, сè со цел да се заштитат граѓаните. Во тој контекст, таа истакна дека ЕУ располага со инструменти што можат да им помогнат на Европејците да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност и да работат повеќе и поефикасно. Исто така, Могерини информира дека биле воспоставени и штабови за воено планирање и спроведување во внатрешноста на постоечките воени структури во европските служби за надворешна политика, што ќе ги командуваат невоените мисии во Унијата. 

Во однос на сесијата посветена на европската перспектива за земјите од Западен Балкан, свое излагање имаа: aвстрискиот министер за надворешни работи,  Карин Кнајсл; управниот директор за Европа и Централна Азија на Европската служба за надворешна акција, Томс Мајр-Хартинг; соработникот на Центарот за студии за европски политички студии, Алфред фон Опенхајм-Тереза Теггофер и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ), Дејвид МекАлистер.

Учесниците на Интерпарламентарната конференција имаа можност да остварат билатерални средби со потпретседателите на Европскиот парламент, претседателите и членовите на различни комисии, претставници од Националниот и Федералниот совет на Република Австрија, претседателите на делегациите на Европскиот парламент со Парламентите на земјите со кандидатски статус, европратеници, високи претставници од Европската комисија, претставници од Советот на ЕУ и др.

Комисијата на заедничка надворешна и безбедносна политика и Комисијата на заедничката безбедносна политика на државите членки на ЕУ ги опфаќаат прашањата што вклучуваат парламентарен надзор на надворешната и одбранбената политика на ЕУ и обезбедуваат платформа за консултации помеѓу националните парламенти, Европскиот парламент и Европската комисија со придонеси од надворешни експерти.