СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Петок, 8 јуни 2018 година

Средба на претседателот Џафери со донаторите во Собрание

Денеска, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, имаше прва воведна координација со Донаторите во законодавниот дом. 

На Донаторската координација покрај него, беа присутни потпретседателите на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, г. Горан Мисоски, г. Весел Мемеди и Генералниот секретар, г-ѓа Цветанка Иванова. Од страна на Донаторите беа присутни претставници од сите донатори со кои Собранието има потпишано Меморандуми за соработка, Специфични договори за спроведување проекти или пак едноставно има продолжено веќе воспоставена соработка од порано. 

Донаторските координации се настани на кои сите кои на некој начин се вклучени со свои проекти во поддршка на реформските процеси во Собранието, да се среќаваат и да се информираат за видот на Проектот, за начинот на спроведување и целите што сакаат да ги постигнат со проектот. Целта е да се избегне преклопување или пак правење на противречни активности. Практиката на одржување на Донаторски координации е започната на иницијатива на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, продолжи со втора Донаторска координација во Британската амбасада, а третата се одржа на инцијатива на ОБСЕ во Скопје. 

На почетокот на средбата, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери се заблагодари на сите присутни за нивниот ангажман и несебична помош што ја нудат во насока на поддршка на реформските процеси во Собранието и јасно искажа дека по оваа средба, Донаторските координации ќе бидат во рамките на Собранието, како институција која е директен корисник на сите проекти кои ги спроведуваат донаторите. Во таа насока, рече дека ќе се формира едно координативно тело кое ќе биде постојано во контакт со сите донатори и во секое време ќе ги има сите потребни информации. Претседателот Џафери ги информираше присутните за новоотворениот прозорец на веб страницата на Собранието именувано како Проекти каде што секој заинтересиран граѓанин може да добие кратки информации за активните проекти со цел да се афирмира транспарентноста на законодавниот дом. Претседателот на Собранието ги нагласи приоритетите кои заедно со цело претседателство ги имаат поставено пред себеси а се ставени на хартија во вид на основен документ за тоа каде ќе се движи Собранието во наредниот период, а тоа е „Стратешки план 2019-2021“ и за истиот има полн консензус, а посакуваните цели се финансиска независност на Собранието, постигнување на транспарентност и достапност на законодавниот дом за сите граѓани, имање календар на активности на Собранието, зајакнување и унапредување на работата на Собранискиот канал, постигнување независност на собраниската служба и серија други цели. Тој ја истакна решеноста и во исто време и фактот дека донаторите се навистина ценет и многу потребен партнер во постигнувањето на овие значајни сепак многу тешки приоритети. 

Од страна на сите донатори оваа средба беше искрено поздравена и охрабрена да продолжи на редовна основа и дека со ваквите координации, Република Македонија е вистински лидер во регионот.