СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Сабота, 17 февруари 2018 година

Средба на претседателот Џафери со претседателот на Република Бугарија, г. Румен Радев

Претседателот на Собранието на Република Македонија г. Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателот на Република Бугарија г. Румен Радев, кој престојува во дводневна официјална посета на Република Македонија. 

На средбата, од бугарска страна присуствуваа: г. Кристијан Вигенин, претседател на Комисијата за европски прашања и контрола на европските фондови; г. Борис Борисов, претседател на Групата за пријателство Бугарија – Македонија; како и пратениците од Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Бугарија: г-ѓа Фросина Ташевска-Ременски, г. Илија Николовски и г. Реџаиљ Исмаили, членови на Групата.  

Двајцата соговорници се согласија дека потпишувањето и ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во европски дух, несомнено отвора нови можности во односите меѓу двете држави, но, исто така, неспорно ја докажува цврстата определба на Република Бугарија да и пружи целосна поддршка на Република Македонија за пристапување во НАТО и Европската Унија.

Претседателот Џафери истакна дека особено радува поддршката на Република Бугарија за зачленување на земјите од Западен Балкан во НАТО и во ЕУ. Членството на Република Македонија во овие организации и натаму останува врвен државен, политички и стратешки приоритет. За успешно заокружување на овие процеси,  Република Бугарија и нејзините институции можат со сопствени искуства да дадат значаен придонес за реализација на овие цели. Актуелното раководство на Република Македонија прави напори да ги подобри односите со соседите и преку конкретни чекори, како што е потпишувањето на Договорот со Бугарија и со надминување на отворените прашања со Република Грција, очекува да добие датум за преговори за членство во ЕУ, а на самитот на НАТО во јули оваа година конечно да се потврди поканата од Букурешт од 2008 година земјата да стане членка на Алијансата. 

Претседатлот Радев изрази задоволство од денешната средба и посебно ја поздрави ратификацијата на Договорот во Собранието на Република Македонија како важен политички чин и државничко однесување и нагласи дека поддршката на активностите од неговото спроведување треба да бележи континуитет и во иднина. Договорот отвора нови димензии за евроатлантската перспектива на земјата, и во тој контекст, од особено значење е продолжувањето и интензивирањето на соработката меѓу двата парламента, поконкретно преку групите за соработка и преку парламентарните комисии за европски прашања, надворешна политика и одбрана. Претседателот Радев истакна дека од суштинско значење е соработката меѓу позицијата и опозицијата и консензусот околу стратешките прасшања за дравата, како што е членството во НАТО и ЕУ, посочувајќи го примерот на Собранието на Република Бугарија, кое даде целосна поддршка на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Македонија.

Пратениците од двата парламента укажаа на динамизирање на соработката во домените од заеднички интерес и посочија дека со конкретни активности во овој историски момент, ќе дадат свој придонес и поддршка во заедничките напори за унапредување на билатералната соработка меѓу двете блиски држави и народи и поддршка на реформите на Собранието на Република Македонија во евроатлантските интеграции.