СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Понеделник, 18 јуни 2018 година

Средба на Собраниска делегација со коизвестители на Мониторинг комисијата на ПССЕ

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), г. Бетиан Китев и членовите: г-ѓа Шпреса Хадри и г. Африм Гаши, остварија средба со коизвестителите на Мониторинг комисијата на ПССЕ: г-ѓа Лисе Кристоферсен и г. Валериу Гилечи.

Во воведното обраќање, г. Китев ги запозна гостите со силното темпо на носење реформски закони, со заедничко разбирање за серија од нив со опозицијата.

Во фокусот на разговорите беше потпишаниот Договор меѓу Македонија и Грција за надминување на долгогодишниот спор за името.

Делегацијата коизвестители беше заинтересирана за целосната процедура за ратификација на овој Договор, ставот на претседателот на државата, мислењето на опозицијата, гласот на народот и најавениот референдум. 

Во тој контекст, присутните пратеници истакнаа дека станува збор за едно чувствително прашање, кое задира во емоциите на Македонците, и затоа е од исклучителна важност ова да биде одлука со консензус, но и дека граѓаните ќе го имаат конечниот глас на референдум.

Воедно, тие изразија надеж дека ќе се затвори ова горливо прашање, затоа што решението на спорот е клучот за членство во ЕУ и НАТО, а единственото патување за Македонија е евроатланскиот пат.