СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Недела, 10 декември 2017 година

Средби на претседателот Џафери на маргините на Парламентарно безбедносниот форум во Вашингтон

На маргините на Парламентарно безбедносниот форум во Вашингтон, претседателот на Собрание на Република Македонија се сретна со координаторот на парламентарната група на владејачката партија ГЕРБ во Народното собрание на Република Бугарија, г. Цветан Цветанов.  

Тие разговараа за теми од заемен интерес, при што се истакна дека Република Бугарија како иден претседавач со ЕУ, ја знае важноста на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и затоа ќе биде силен поддржувач во таа насока. Друга значајна тема на која разговараа беа регионалните инфраструктурни проекти. 

Пред крајот на посетата на Вашингтон, претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери оствари средба со претседателот на ИРИ, г. Даниел Твининг. 

На почетокот на средбата, претседателот Џафери истакна дека работата на ИРИ во Република Македонија е повеќе од добредојдена бидејќи анкетите кои тие ги реализираат, покрај тоа што се неутрални, се покажуваат и како прецизни, што се потврди со резултатите од неодамнешните избори. Двете страни беа согласни дека оваа соработка е корисна и ќе продолжи во иднина со поголем интензитет.   

Со овие средби се заокружи успешната работна посета на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери на Вашингтон, САД.