СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Понеделник, 11 декември 2017 година

Учество на собраниска делегација на Цетинскиот парламентарен форум

Делегација на Собранието на Република Македонија составена од пратениците: Јагода Шахпаска и Реџаил Исмаили од 7 до 8 декември 2017 година учествувашe на 19. Цетински парламентарен форум на тема: „Парламент и масовни комуникации", во Цетиње, Република Црна Гора.

Претседателот на Парламентот на Република Црна Гора, г. Иван Брајовиќ, го отвори 19. Цетински парламентарен форум. Тој им го изрази своето задоволство на учесниците за нивното присуство на парламентарниот форум на коj имаат можност да разговараат, дебатираат, да разменат свои искуства како за масовните комуникации, така и за актуелните случувања во земјите од Западен Балкан.

На форумот свои излагања имаа: г. Даниел Живкович, претставник од Парламентот на Црна Гора, г. Љубиша Стојмировиќ, претставник од Парламентот на Република Србија, г. Момчило Новаковиќ, претставник од преставничкиот дом на Парламентот на Република Босна и Херцеговина, г-ѓа Јагода Шахпаска, претставник од Парламентот на Република Македонија, г. Ромео Гуракиги, претставник од Парламентот на Република Албанија, г. Зоран Томиќ, професор во Факултетот за психологија во Белград, Република Србија и Борисав Контиќ, директор од Медиа Центар Сараево.

Учесниците имаа свои излагања во врска со потребните подготовки на парламентите за масовните комуникации и демократијата во дигиталната сфера, и во тие рамки заклучија дека е потребен одреден развој на потребните административни структури и капацитети за поддршка на овој процес.

Пратеникот, г-ѓа Јагода Шахпаска во своето излагање рече дека во новата информациско-комуникациска епоха, лидери ќе бидат оние земји, региони, компании и индивидуи кои благовремено ќе донесат правилни одлуки базирани на длабоко разбирање на овие трендови. Оние кои тоа нема да го направат, ризикуваат да останат во зоната на стагнација. Развојот на информатичкото општество треба да се базира на партнерство помеѓу Владата, Парламентот, граѓанскиот сектор, приватниот сектор, операторите, локалните самоуправи и сите други заинтересирани страни.

Деветнаесеттиот Цетински парламентарен форум беше можност за учесниците да разменат искуства поврзани со евроинтегративните процеси и перспективи на земјите од Западен Балкан, масовните комуникации, регионалната безбедност и соработка.

Парламентарниот форум е организиран од страна на Парламентот на Република Црна Гора.