СОБРАНИЕ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Четврток, 11 октомври 2018 година

Врачена државната награда „11 Октомври“

Денеска во Собранието на Република Македонија, Одборот за доделување на државната награда „11 Октомври“ ја додели наградата „11 Октомври“ за 2018 година.

Наградата за животно дело во областа на културата и уметноста ја добија: проф. д-р Драги Михајловски, преведувач и писател; Ристо Лазаров, писател и новинар и актерот Петре Арсовски. 

Наградата за животно дело во областа на здравството му беше доделена на проф. д-р Александар Ставридис, хирург-уролог.

Одлуката ја донесе Одборот за доделување на наградата „11 Октомври“, која е највисоко признание за животно дело. На добитниците наградата „11 Октомври“ им ја врачи претседателот на Одборот, Драги Ѓорѓиев.

„Делата на добитниците на ова високо признание покажуваат и потврдуваат дека македонското општество има личен, институционален и цивилизациски капацитет и визија да ја гради својата иднина, препознавајќи ги вистинските квалитети. Денес имаме чест да ја потврдиме и наградиме креативноста, оргиналноста и истрајноста на четири творечки умови, чија посветеност и професионални резултати го зацврстуваат нашиот прогрес, општествена хармонија и цивилизациски вреднувања“, рече Ѓорѓиев.

Во име на добитниците на годинашната награда „11 Октомври“, се обрати Ристо  Лазаров, кој рече дека високото признание го сфаќа како следбеничко чекорење по славните врвици на големите татковци на современото македонско општество, тие што во мракот го пробија патот до светлината, тие што од искушенијата правеа решенија.

Државната награда „11 Октомври” е награда која традиционално се доделува на Денот на востанието на Република Македонија. Со неа се оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес.