ЕУ вести

Четврток, 18 декември 2014 година

Европскиот парламент го награди филмот „Ида“

Претседателот на Европскиот парламент, г. Мартин Шулц, ја додели годишната филмска награда „Лукс“ на режисерот Павел Павликовски за полско-данскиот филм „Ида“. Наградата има за цел да ја промовира европската разноликост и општествената важност на филмот на Стариот континент.

„Европските филмови ни овозможуваат да се запознаеме со нашата заедничка историја и со приказните на нашите соседи, да имаме пристап во реалноста на животот во другите земји, подобро да се запознаеме себеси и нашите соседи, да имаме поголемо разбирање едни со други и да го зајакнеме чувството на заедничка припадност, надминувајќи ги националните граници“, истакна првиот европарламентарец.

„Ида“ е емоционална индивидуална приказна за една девојка Ида (која ја глуми Агата Трзебушовска), сираче, кое пред да стане калуѓерка, дознава дека има тетка и во потрага по својот идентитет, се соочува со мрачните тајни на своето минато. Ова е филм за универзалнитe нешта: вината, слабоста, простувањето, но, исто така, за парадоксите на човековата душа и историските ситуации.

„‘Ида’ е филм кој успеа да допре до јавноста низ целата територија на Европа. Тоа покажува дека уметноста сè уште има значајна улога во нашето општество“, истакна режисерот Павликовски при примањето на наградата.

Покрај „Ида“ и преостанатите два финалисти - словенечкиот „Класен непријател“ на Рок Бичек и „Моминство“ на Селин Шиама од Франција, се титлувани на 24 јазици, прикажани во текот на „Лукс“ филмските денови во сите 28 земји-членки на ЕУ, на најмалку 18 фестивали, во повеќе од 40 европски градови.

Инаку, „Ида“ веќе се закити и со титулата најдобар европски филм на Европските филмски награди во Рига, а е номиниран и за престижниот „Златен глобус“. 

Click