ЕУ вести

Понеделник, 23 ноември 2015 година

Пленарна седница на Европскиот парламент 

Европскиот парламент од 23 до 26 ноември ќе одржи пленарна седница во Стразбур, во чиј фокус ќе биде дебатата во среда за нападите во Париз и мерките за борба против тероризмот.

На дебатата европратениците заедно со претседателот на Европската комисија, г. Жан-Клод Јункер и г. Николас Шмит, како претставник на Претседателството со Советот, ќе дискутираат за последователните полициски и воени операции, како и за одржаниот петочен вонреден состанок на ЕУ министрите за правда и за внатрешни работи. 

Ќе стане збор за потребата од засилено споделување на информациите помеѓу земјите-членки на ЕУ и Европол, зајакнување на контролите на надворешните граници на ЕУ, справување со финансирањето на тероризмот, како и за борбата против трговијата со оружје. Европарламентот ќе се заложи за максимално финансирање од ЕУ за справување со бегалската криза.

Истиот ден европскиот закоонодавен дом ќе гласа и за Буџетот на ЕУ за 2016 година, по компромисниот договор меѓу Парламентот и Советот. 

Со оглед на тоа што 25 ноември е Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените, тоа ќе биде можност европратениците да побараат од Еврокомисијата изнаоѓање нови мерки за спречување на родовото насилство врз жените во ЕУ. 

Овој ден ќе се одбележи и на тој начин што зградата на Европскиот парламент ќе биде осветлена во портокалова боја како знак на поддршка на кампањата „Портокалов свет“ на ОН за спречување и искоренување на насилството врз жените и девојките. 

Утре, на официјална церемонија во рамките на седницата, ќе биде објавен и победникот на филмската награда „ЛУКС“ за 2015 година. 

Click