ЕУ вести

Среда, 23 септември 2015 година

Вонреден самит на ЕУ за бегалската криза

Претседателот на Европскиот совет, г. Доналд Туск, за денеска во 18 часот свика вонреден самит на шефовите на држави или влади на Европската унија, посветен на бегалската криза, откако вчера министрите за внатрешни работи и правда, ја усвоија Резолуцијата за прераспределба на 120.000 бегалци меѓу државите-членки.

На состанокот ќе се расправа за развивање сеопфатна стратегија за бегалската криза и воспоставување веродостојна европска миграциска политика, бидејќи актуелната ја сочинуваат очајот на жртвите кои бегаат пред војните и прогонствата, нивната одлучност во потрага за подобар живот, цинизмот на криумчарите и пречестите трагични судбини на бегалците и мигрантите.

„Кризата на која сите сме сведоци, претставува тест за нашата хуманост и одговорност. Таа е причина за многу напнатост и обвинувања меѓу политичарите и граѓаните на Европа. Не се сомневам дека станува збор за предизвик со кој Европа ќе мора да се носи уште многу години. Затоа, сакам да се фокусираме на сеопфатен пристап кон оваа криза“, стои во повикот на г. Туск, кој притоа нагласува дека меѓусебното префрлување одговорност и вина, мора да престане.

Првиот човек на Европскиот совет, исто така, ги повикува земјите-членки итно да донираат средства во Светската програма за храна, со цел да им се осигура храна на 11 милиони луѓе во Сирија и регионот.

Европските челници во контекст на бегалската криза, ќе расправаат и за помош на земјите-членки кои се први на удар; за соработката со земјите од Западен Балкан, Турција и земјите кои граничат со Сирија; финансиска помош за бегалците и Светската програма за храна; враќање и повторно прифаќање; како и за дипломатските напори за решавање на кризата во Сирија.

Click